сабота, 27 јули 2024

Клисарова потврди дека се уапсени тројца вработени на Онкологија, за четвртата не знае зошто не дошла на работа

Поранешен директор на Клиника за онкологија и радиотерапија и двајца вработени, од кои една медицинска сестра се приведени денеска во врска со случајот на Онкологија, кој минатата година ја разбранува јавноста, потврдија денеска директорката на Клиниката, Виолета Клисарова и организацискиот директор, Халид Матоши. За четвртата уапсена, директорите немаа информации затоа што, како што кажаа, таа денеска не се појавила на работа.

 

Објавено на

часот

Сподели

Двајцата директори нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека има налог за тоа кој треба да биде уапсен.

„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот“, изјави Матоши на прашањето за колку лица имало налози.

Клисарова уверува дека Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, рече таа.

Директорката додаде дека сѐ што е во врска со истрагата и сите случувања коишто се случиле изутрината понатаму како информации ќе ги изнесат истражните органи.

За тоа дали имало проверки од страна на полицијата, Клисарова рече дека можеби имало, но таа не била информирана. -Она што го знам ви го потврдувам, додаде таа. Во врска со тоа дали се одземени доказни материјали, таа кажа дека нема таква информација.

Клисарова, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека терапија има за сите пациенти.

„Да, терапии има. Системот е во процедура. Тоа е процедура која трае и сме далеку од почнување и негово ставање во функција. Меѓутоа, во координација со Министерството за здравство се работи на тој проект, а терапија има во моментов и Клиниката навистина функционира нормално и токму тоа со оваа денешна изјава сакам да го потврдам и изјавувам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со целата потребна терапија“, посочи директорката.

На почетокот од септември минатата година со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Министерството за здравство тогаш даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, а поранешниот премиер Димитар Ковачевски истакна оти се работи за наводи што не смеат да се случуваат и повика да не се прави сензација и напад на сите доктори. Од страна на Владата, додаде тогаш, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, пак нагласуваше дека актуелната власт не очекува разрешница на случајот со Онкологија.

Во врска со ова, се формираше и собраниска Анкетна комисија, пред која сведочеа поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, поранешните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали и Никола Тодоров, актуелниот министер Фатмир Меџити, поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување, како и други лица и функционери. Членовите на Комисијата имаа по 30 дена за распит на сведоците и уште толку за разгледување на документација. Случајот ги подели власта и опозицијата. Рокот за донесување заклучоци на собраниската Анкетна комисија беше до 3 декември. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата поради несогласувања, излегоа со различни заклучоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ