сабота, 27 јули 2024

Клиперси се новите газди во „Ел-Еј“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Клиперси го добија првото градско дерби во кошаркарската НБА-лига сезонава со 102-94 покажувајќи дека имаат сила првпат во досегашната историја да се етаблираат како најдобар тим во Лос Анџелес. Коби Брајант средбата ја заврши со 42 поени, седум скока и четири асистенции, но тоа не беше доволно за триумф на „езерџиите“. За веќе легендарниот кошаркар, тоа беше четврти меч по ред на кој ја надминува за многумина недостижната граница од 40 поени.

Скорашната аквизиција на Клиперси, Крис Пол, беше најзаслужен за триумфот на помладиот тим од „градот на ангелите“. Тој мечот го заврши со 33 поени, на кои им додаде шест асистенции, четири скока и три украдени топки. Голема помош имаше од Блејк Грифин (22 поени) и Чонси Билапс (19 поени).

Кошаркарите на Чикаго булс немаа проблеми во дуелот со Торонто, со што дојдоа до петтата победа по ред, но и до скор 12-2 сезонава, што е најдобар учинок во НБА-лигата во досегашниот дел од шампионатот. Индијана пејсерс, пак, ја продолжи агонијата на Бостон селтикс (97-83) нанесувајќи им го на „келтите“ четвртиот пораз по ред.

Фантастична партија прикажаа и кошаркарите на актуелниот НБА-шампион, Далас маверикс, кои буквално го прегазија Сакраменто кингс со 99-60. За „телињата“ од Тексас тоа е петти триумф по ред, со што дефинитивно се вратија во игра за највисок пласман по шокирачкиот старт на сезоната со четири порази по ред.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон – Филаделфија 90-103, Шарлот – Г.Стејт 112-100, Атланта – Минесота 93-91, Индијана – Бостон 97-83, Чикаго – Торонто 77-64, Оклахома – Њујорк 104-92, Мемфис – Њу Орлеанс 108-99, Хјустон – Портланд 107-105 (пр.), Јута – Њу Џерси 107-94, Далас – Сакраменто 99-60, ЛА клиперс-ЛА лејкерс 102-94.

[video:http://www.youtube.com/watch?v=AwB6AcwvBEo]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ