Клиниката „Жан Митрев“ од првиот момент ги отвори вратите за сите повредени во трагичниот настан во Кочани и со целосна поддршка и максимална посветеност ги стави на располагање сите свои ресурси, целиот медицински персонал, болничките капацитети и амбулантните возила.
Тимот на болницата лекари, медицински сестри и болничари, заедно со специјално опремените амбулантни возила, постојано се ангажирани во транспорт на најтешко повредените пациенти не само до и од клиниката, туку и од други здравствени установи во земјата и странство. Во изминатиот период беа транспортирани повеќе од 10 пациенти кон различни здравствени центри, вклучувајќи ги аеродромите во Скопје и Солун, како и болниците во Белград, „8 Септември“, Клиничката болница „Климент Охридски“ и други.
Сочувствувајќи со ненадминливата трагедија и големата болка, целосната грижа и сите услуги за повредените беа обезбедени бесплатно и Клиниката заедно со целиот свој персонал ќе продолжи да помага сѐ додека има потреба, со истата посветеност и хуманост што се темел на нашата работа, соопшти клиниката.