Што е стресна уринарна инконтиненција? Тоа е неволното испуштање на урина (уринарна стрес-инконтинеција) и е сè почест проблем со кој се соочува современата жена.
По иницијатива на проф. Д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на клиниката, повторно е започната интервенцијата која ќе ѝ го отстрани проблемот на секоја пациентка која се соочува со ваков проблем.
„Во рамки на билатералната соработка помеѓу Клиниката за гинекологијаи акушерство – Скопје и Универзитетската Клиника за Гинекологија и Акушерство – Љубљана, Словенија, нашите доктори проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев и асс. д-р Боривоје Павловски за време на нивниот престој во Словенија, имаа можност да се усовршуват за најсовремените пристапи за третман на неволното испуштање на урина
Како продолжување на оваа соработка, на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје беше организирана стручна работилница предводена од еден од водечките европски едукатори за минимално инвазивна хирургија, терапија и третман на урогинекологија, проф. д-р Мија Благање од Љубљана.
За време на оваа обука, беа демонстрирани двете техники за минимално инвазивен третман, а успешно беа изведени и повеќе TVT и TOT процедури.
Оваа метода ќе овозможи максимални резултати со минимални зафати. Процедурата овозможува скратен престој на пациентките во болница, а продолжен квалитет на живот “, се вели во соопштението на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Инконтиненцијата ги попречува жените во остварувањето на плановите, го менува животот за целосно слободно движење, патување… Секој настан во животот е проследен со пречки кои влијаат на целокупниот социјален живот на жената.
Секоја петта жена во светот во одредена возраст страда од инконтиненција.
,,Популацијата, како во нашата држава, така и низ Европа е сè повозрасна, а со тоа и бројот на пациентки сè поголем. Возраста во голема мера го нарушува квалитетот на животот на секоја женска индивидуа“, вели асс. д-р Боривое Павловски
„Чинот на повторно воведување на оваа метода по 20 години е резултат на континуираните заложби на менаџментот на клиниката, кој активно работи на имплементација на медицински достигнувања и технологии. Ваквите иницијативи не само што ја зголемуваат достапноста на третманите на сите пациентки, туку директно влијаат на квалитетот на живот на голем број од поупулацијата во нашата држава“, истакна директорката, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев.
Оваа интервенција на Клиниката за гинекологија и акушерство е достапна за секого и е регулирана од Фондот за здравствено осигурување, како придобивка за здравјето на жената.