сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Клепило ве Клепало

Интенција на Бугарија, позната на секој поискусен дипломат е јасна – што подолго да се држи раскината врската помеѓу Вардарска и Пиринска Македонија, по можност до целосно расцепување на културните врски помеѓу Македонците во двете држави. Југославија тоа неволно го допушташе, во име и со надеж за добрососедска соработка. Дали треба и Македонија?

Парадоксално, сите замисли и планови за железничко поврзување помеѓу Македонија и Бугарија се лоцирале на планинскиот кумановски крај, кој поради тешкиот терен е астрономски скап за градење пруга, иако економската логика зборува дека тоа поврзување би требало да се направи појужно, каде што теренот е рамен и изградбата би чинела неспоредливо помалку. Но, таму се допираат два дела на Македонија. Проблем за бугарската вековна параноја. Како и во сите претходни ситуации на изјаснување на македонската национална самосвест кои ги кршела со сила, Бугарија и тука успешно ги превенира цивилизациските текови и не дозволува ниту да се помисли на развивање економски, социјални, културни, не дај боже и национални врски на Македонците од двете страни на границата, кои Бугарија свесно, долги години ги осуди на изолација.

Секој чекор напред, како што беше согласноста на Бугарија сепак да се изгради преминот Клепало, што од време на време подгрева некакви надежи за нормализација на состојбите во ова мртво ќоше, по правило го следат два чекори назад. Постојано испливуваат нови и нови бирократски пречки за неговата реализација, како последните неодамна, кога процедурата од бугарска страна се оддолжи за уште најмалку една година, со изговори за потреба од нови проценки, анализи и сл.

Грција пак повеќе од половина век тормозеше 20 милиони жители на поранешна Југославија, да вадат влезни визи поради два милиони Македонци… да не случајно граѓаните со потекло од Егејска Македонија ги видат или не дај боже ги побараат своите одземени вековни огништа.

Дури и ако на некаков начин ќе успеаја да добијат виза, југословенските граѓани, пред се Македонците со потекло од Егејска Македонија при влезот мораа да пријават во кое населено место ќе престојуваат, со строга контрола од страна на грчките власти и ограничено движење. Кој спомна слобода на движењето во повоена Северна Грција?

Тоа денеска е сменето, но цената ја платија егејските Македонци, од кои нашата држава официјално се откажа.

Нашата дипломатија бега дури и од самото спомнување на македонското национално малцинство во Бугарија и Грција како од жежок костен. Паметиме и наредби од министри во МНР до своите вработени да се прекинат проектите со македонското малцинство во овие две земји, за да не се „налутеле нашите пријатели“. Многу помило им е да оперираат со терминот „дијаспора“, иако тоа е нешто сосема друго и воопшто не се однесува на припадниците на малцинството.

Како денес стојат работите, некој ќе треба со децении да се срами заради антицивилизацискиот и неисториски чин на насилно наметнување на добрососедство  и на измислување нов „северен“ идентитет преку непризнавање и неуважување. Особено ќе треба да се срамат токму оние чија работа е дипломатски да се изборат за достоинствени решенија и овозможување нормална комуникација помеѓу припадници на признаена македонска нација, која како и многу други е поделена во три соседни држави.

Треба да е јасно дека со политичари и министри кои во странство се гушкаат и ветуваат, а дома продаваат патриотизам, тоа не може да се случи. Не може ниту со министри кои се однесуваат како национални спасители на нација на која не и припаѓаат и најдрско претендираат дека подобро знаат што е подобро за неа.

Оваа генерација на нашата политичка дипломатија е истрошена до ниво на патетичност. Не продуцира решенија. Потребна е нова парадигма и соодветно, нова стратегија. Потребна е свежа политичка крв и консензуална поддршка. За оперативна ефикасност на таквата нова парадигма неопходно е и сериозно вклучување на професионалната дипломатија, која последните години е киднапирана од политиката, грубо изгазена и ставена во функција на молчење и потврдно климање со глава. Само така ќе се создадат услови дипломатијата да го поврати својот углед и дигнитет и да стане она што секоја професионална дипломатија треба да претставува – вистински моќна алатка за остварувањето на националните цели и интереси.

Политиката мора да разбере дека нејзиниот однос со дипломатијата е двонасочна улица и дека само така може да има корист од една таква служба на која ќе ѝ биде вратено професионалното достоинство и за која разните клепала нема да бидат табу тема.

Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ