петок, 18 октомври 2024
Брифинг на директорот на ФЗО

Клековски: Мојот мандат во Фондот за здравство е антикорупциски

Мојот мандат во Фондот за здравствено осигурување е антикорупциски, за подобрување и проширување на здравствените услуги и за подобрување на условите за работа, изјави директорот на фондот, Сашо Клековски. Тој изрази очекување новата позитивна листа да биде функционална до 16 септември и додаде дека со квалитетот на здравствени услуги и достапноста на лековите граѓаните нема да имаат проблеми. Клековски најави дека за десетина дена ќе го објави планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи.

Објавено на

часот

Сподели

„Првиот чекор за подобрување на здравствените услуги го направивме со позитивната листа која не беше обновена од 2014 година и само еден лек ѝ беше додаден. Сега одобривме девет генерики кои можат да водат до 56 бренд – лекови. Јавниот оглас е во тек, пријавени се Алкалоид, Крка, Белупо и други фирми како можни добавувачи. Очекуваме до 16 септември новите лекови да бидат достапни во системот и во аптеките, а матичните доктори да можат да почнат да ги издаваат“, рече Клековски по денешната средба со новинарите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Тој нагласи дека во изминатите два месеци во ФЗО се работело на идентификација на сите проблеми и дека е остварена комуникација со Здружението на пациенти, со Здружението на болници, со синдикатите и со други чинители.

„Многу брзо ќе информираме што планираме до крајот на годинава и што планираме во 2025 и во 2026 година, бидејќи дел од проблемите ќе мора да се решаваат на подолги патеки. Приоритет е Онкологија каде мора да има подобри здравствени услуги за болните. Растоварувањето не значи веднаш ставање во функција на сите регионалните центри, но некои од нив многу брзо ќе бидат ставени во функција, а има и други начини за безбедно интервенирање во таа насока“, рече Клековски.

Долгот на јавните здравствени установи, дефиниран на 3 јуни,  изнесува 5 милијарди денари и е зголемен за една милијарда денари во првите шест месеци од годинава.

„Најголеми должници се универзитетските клиники за Радиологија и онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, Гинекологија, а има и неколку болници надвор од Скопје, како во Прилеп и Охрид. Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање“, посочи Клековски.

Тој нагласи дека тврдењата дека нема проблеми со буџетот не се точни.

„Дел од долгот не е настанат затоа што несоодветно се финансирани потребите на соодветните клиники. Онкологија е еден од примерите каде не биле буџетирани доволно средства ни за програмата што им е одобрена за работа, а дел од долгот, според мене, е во дозволениот хаос во финансиското  работење на јавните здравствени установи со отсуство на контрола на платите и со отсуство на контрола на материјалното работење и залихите“, рече директорот на ФЗО и посочи дека има повеќе примери каде се делеле незаработени плати дали преку зголемување на основните плати или преку дежурства и други форми.

„Има затекнати состојби за нејасно работење со набавки и управување со залихи. Системот во Фондот за здравство функционира, а софтверските системи во ФЗО се едни од најдобрите во земјава и навремено собираме информации за состојбата во здравството и во основа навреме алармиравме. Правиме тримесечни пресеци и ја следиме состојбата за секого поединечно и реагираме таму каде што можеме да реагираме. Ја информиравме Владата за состојбата со долговите и работиме на ребаланс за да обезбедиме дополнителни средства за функционирање на сите подрачја од јавен интерес“, потенцира Клековски.

Според него, бидејќи состојбата ескалира мора да се анализира кои се генераторите на состојбите, зошто, како што вели, само со покривање на долгови не се решаваат проблемите.

Прашан од каде ќе најде пари Онкологија до крајот на годинава ако до јуни го потрошила цел буџет за 2024 година, Клековски рече дека ФЗО работи на обезбедување на дополнителни средства.

„Веднаш по објавувањето на новиот директор на Онкологија почнавме разговори зошто се случило да нема лекови и кои се приоритетните подрачја да ги обезбедиме потребните средства за набавки на лекови и за намалување на долгот, бидејќи Онкологија должи околу 650 милиони денари или 10 милиони евра. Таму не е доволно само да обезбедиме пари за до крај на годината, мора да направиме санација на постојниот долг“, посочи Клековски.

Како пример за другите недоследности кои ги затекнале, Клековски ја посочи болницата во Струмица од 6.000 квадратни метри делумно опремена и една од најсовремените болници во земјава со малку кревети во соба и соби адаптирани за тешки пациенти и за лица со посебни потреби за која се неопходни 1,5 милиони евра за да се пушти во работа, а веќе три години не се презема ништо. Болницата не се пушта во работа, како што рече, и заради тоа што со трафостаницата е споена со несоодветен кабел поради што ЕВН Македонија одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на енергетската мрежа.

„Таму три години е статус кво и ништо не се решава. Имаме случаи на крајна неодговорност. Во Штип, пак, имаме акцелератор од 2 милиони евра кој 10 години стои надвор од употреба, а Клиничката болница нема функционирачка магнетна резонанца, јасноскоп и колоноскоп кои би биле основни потреби за некоја болница да се нарече клиничка универзитетска болница. Има центар за гангрена формално одлучено да биде во Кочани, но не функционира. Моментално четири клиники вклучувајќи ги „8 Септември“, Пластика и Торакална ги згрижуваат овие пациенти кои се високо инфективни и претставуваа ризик. Ова го допира и Министерство за здравство, но го допира и работењето на ФЗО, бидејќи ние мораме да обезбедиме квалитетни услуги таму и затоа не интересира во какви услови се одвиваат работите“, рече директорот на ФЗО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ