понеделник, 15 април 2024

Клаус и Земан: Косово е терористичка држава што Чешка не смееше да ја признае

Поранешните чешки претседатели Вацлав Клаус и Милош Земан по повод 25 години членство на Чешка во НАТО оценија дека бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година е огромна грешка и дека Косово е терористичка држава што Прага не смеела да ја признае.

Објавено на

часот

Сподели

„Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, моментално стои пред Меѓународниот кривичен трибунал во Хаг за воени злосторства. Тој не е сам. Обвинети се цела низа водечки функционери на Косово. Јас велев дека Косово во принцип е терористичка држава. Тоа не го поткрепив само со драстични случаи како вадење органи, дури и од живи“, рече Земан во вторникот вечерта на јавната телевизија ЧТ.

Земан рече дека можеби слично насилство имало и од српска страна, но, како што нагласи, тоа било во многу помала мера и не било систематско.

„Тоа не беше доктрина на владата, додека Косово беше и е терористичка држава. Така, иако јас и Клаус не се согласувавме за многу работи, ниту еден од нас не помисли да потпише согласност да се именува чешки амбасадор на Косово“, рече Земан.

Како доказ за неговите тврдења дека Косово не е нормален демократски режим, тој го зеде сегашното однесување на властите во Приштина кон Србите на северот на Косово.

„Мислев дека е скандалозно што тогашниот министер за надворешни работи (Карел) Шварценберг го призна Косово без дискусија во владата и без воопшто да го извести претседателот на Чешката Република, што тогаш бев јас, дека такво нешто ќе се случи. Му бев многу лут на Шварценберг и тоа никогаш не требаше да се случи“, изјави Клаус во емисијата ЧТ, во која гостуваше со Земан.

Иако и Земан и Клаус го наведоа бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година како една од двете најголеми грешки на западните сојузници во последниот четврт век, тие негираа дека тогаш или во кое било време мислеле дека Чешката Република не требало да се приклучи во НАТО.

„Кога нашата влада последна го одобри прелетувањето авиони, тоа беше првиот момент кога си реков дека НАТО направил грешка. Иако го поддржав влезот во НАТО, и сè уште го поддржувам, тоа не значи дека сѐ ќе гледам како сино небо, дури и без облаче“, рече Земан.

Клаус потсети дека ѝ бил лут на владата на Земан, која даде благослов да се бомбардира СР Југославија.

„Бев категоричен противник на бомбардирањето на Србија и Косово и сите тие области. Ѝ бев лут на владата на Земан, која даде согласност“, рече Клаус.

Милош Земан оцени дека НАТО е единствената гаранција на Чешка дека нема да доживее руска реприза на советската инвазија на Чехословачка во 1968 година и окупацијата во текот на неколку децении потоа.

Вацлав Клаус, сепак, е убеден дека рускиот претседател Владимир Путин би застанал кога би ја освоил Украина и не би одел понатаму бидејќи, како што предупреди, Москва никогаш не навестила такво нешто.

„Путин нѐ уверуваше, а многумина од нас наседнаа, дека никогаш нема да ја нападне Украина. Само комплетна будала си дозволува да го измамат два или повеќе пати“, му одговори Земан на Клаус, иако си дозволи да верува дека Русија нема да се осмели да нападне Полска или друга членка на НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ