четврток, 16 јануари 2025

Ќура: По Новогодишната кошничка цените одат на слободен пазар и веројатно нагоре

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура изјави дека не може да се гарантира дека нема да има промена на цените на производите по завршувањето на Новогодишната кошничка, кога беа намалени цените на дел од прехранбените производи.

Објавено на

часот

Сподели

Тој појасни дека остануваат на ставот дека во нормални услови треба да функционира слободниот пазар. Смета дека интервенирање со стоковните резерви, е можно само во вонредни состојби. Доколку повторно има потреба од носење кошничка, како и во изминатиот месец, ќе ја поддржат таквата мерка со настојување до нивните членки да ги намалат цените на одредени производи и да се придржуваат до ветувањата.

„Ако се носи повторно кошничка, ние ќе го имаме истиот став што го имавме и пред месец дена. Ние ќе инсистираме, кошницата, односно главните, основните продукти да се намалат, како што беше од 15 (декември) до 15 (јануари). Во периодот помеѓу две кошнички, ако нема некаква мерка, цените ќе одат на слободниот пазар, и веројатно (цените) ќе одат нагоре. Тоа е слободен пазар и во него ние не се мешаме“, рече Ќура на новинарско прашање за време на Отворениот ден на Стопанската комора на северозападна Македонија, на кој присуствуваа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Рефик Џемаили.

По завршување на Новогодишната кошничка, што траеше еден месец, а со која беа намалени цените на дел од прехранбените производи, од денеска се очекува да се знае дали цените што беа намалени ќе се вратат на старо.

Надлежните се задоволни од Новогодишната кошничка бидејќи, според нив, таа дала ефекти и цените на храната и пијалоците во декември бележат намалување во однос на ноември. Граѓаните со забелешка дека нема некоја голема промена во намалувањето на цените, а од опозицијата, ваквите мерки ги оценија како целосно промашени. Од Министерството за економија и труд очекуваат ефектите од Новогодишната кошничка да се потврдат и со статистичките податоци за јануари во однос на декември и најавуваат дека ќе се продолжи со мерки и политики со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните.

Новогодишната кошничка беше креирана на иницијатива на бизнис секторот и вклучуваше 1178 производи од 96 производители и дистрибутери. Во акцијата беа вклучени 51 маркети. Креирана како иницијатива на бизнис секторот, за новогодишната кошничка немаше владина одлука, а Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно да мониторира дали има отстапки во однос на цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ