понеделник, 16 декември 2024
Порака што ја добил главниот македонски преговарач со ЕУ

Ќе мора да донесеме нов Кривичен законик, изјави Муртезани по разговорите во Брисел

Земјите членки на ЕУ се подготвени да ни помогнат во процесот на пристапување кон Унијата, со цел да го заокружиме колку што е можно најбрзо, изјави за МИА министерот за европски прашања и македонски преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани, кој денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК). Тој, меѓу другото, потенцира дека пораката што ја добил се однесува и на Кривичниот законик кој откако беше изменет, предизвика штети во македонското право.

Фото: Кабинет на Муртезани

Објавено на

часот

Сподели

Главна тема на заседанието на ГАК беше Извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2024 година, со кој годинава покрај земјите членки на ЕУ, првпат беа опфатени и четирите држави од Западниот Балкан вклучени во пристапниот процес – Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.

„Тоа што земјите кандидати од Западниот Балкан првпат се вклучени во механизмот на владеење на правото, којшто до сега беше исклучиво наменет само за земјите членки, е многу битен чекор во тоа што ние го нарекуваме фејзинг ин (постепено вклучување) и ова е уште една потврда дека ЕУ се отвора кон земјите кандидати и постојано не вклучува во механизмите коишто се само за членките во ЕУ“, вели Муртезани.

Тој посочи дека главен акцент во дискусиите на состанок бил ставен на владеењето на правото, односно на состојбите во правосудството и реформите на правосудниот систем, борбата против корупцијата и организираниот криминал и слободата на говорот и медиумите.

„Досегашните напори на земјите кандидати, а во случајов и на Република Северна Македонија, секако дека се добро прифатени и бевме охрабрени да продолжиме со реформите. Пред нас се големи пречки и предизвици, коишто сме цврсто решени да ги надминеме“, рече Муртезани.

Министерот посочи дека новата Влада мора особено да посвети внимание и во скора иднина „да ги санира последиците нанесени од претходната Влада со донесувањето на Кривичниот законик“, кој, како што нагласи, во Брисел го гледаат како на антиевропски и во спротивност со европските вредности.

„Мора да донесеме Кривичен законик којшто е согласно стандардите на Европската Унија, за тоа да не стане пречка за понатамошното напредување на земјата кон полноправно членство, потенцира Муртезани.

Во однос на забелешката во Извештајот за злоупотреба на инструментот „европско знаменце“ за носење закони по забрзана постапка, Муртезани нагласи дека партиите од сегашната владина коалиција уште кога беа во опозиција ја критикуваа ваквата пракса и за усвојување на законски решенија коишто немаа никаква врска со ЕУ и европското законодавство.

„Таа пракса веќе се напушта во Собранието. Ние мора, и Собранието и сите институции, да ги хармонизираме со начинот на функционирање којшто го бара ЕУ. Во Извештајот, а и денеска на состанокот, беше упатена многу силна порака дека во Собранието не треба да се гледаат тесните политички интереси, туку дека помеѓу сите во Собранието мора да постои дијалог за стратешката определба, односно за стратешките насоки на државата“, потенцира Муртезани во изјавата за МИА.

За време на денешниот престој во Брисел, Муртезани имаше и куси средби и со колегите од трите други земји кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан, како и со некои од министрите учесници на заседанието на ГАК, меѓу кои и со германската државна министерка за Европа, Ана Лирман и со новиот француски министер за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро.

На средбите било договорено Муретзани и Лирман да одржат билатерална средба на 14 октомври во Брисел, додека новоименуваниот француски министер најавил интерес да ја посети земјава.

„Постојат голем број на сфери и области каде што ние може да учиме од нив и од сите европски земји. Мојата импресија од состанокот е дека сите се спремни да ни помогнат, со нивна експертиза или со каква било помош, во овој процес (на евроинтеграција), којшто за нашата земја станува предолг, за да го заокружиме колку што е можно најбрзо“, порача Муртезани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ