сабота, 27 јули 2024

Ќе има прегласување, Управниот суд ги отфрли тужбите на Европскиот фронт

Управниот суд до доцна во ноќта расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата Европски фротн. Од судот соопштија дека сите седум тужби се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

По полноќ коалицијата Вреди ги поздрави одлуките на Управниот суд и повика на масовна излезност на граѓаните на повторено гласање на избирачкото место каде коалицијата, во зависност од исходот на гласањето, може да добие уште еден пратеник.

„Одлуката на Управниот суд е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај. Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат.

Промената започната на 8 мај почна да се реализира, но за да биде уште побрза и поефикасна, ги повикуваме граѓаните на Ларце, на избирачкото место 2101 во среда, 22 мај да излезат и да ја изразат својата волја, слободно, без да потклекнат на притисоците на ДУИ и нејзините манипулатори.

Промена е неповратна. Вреди за Желино и за секој граѓанин во нашата земја“, се вели во соопштението на коалицијата Вреди.

Инаку, Европскиот фронт имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.

Претходно, ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори – девет од коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, коалицијата Вреди со 13, а Левица и Движење ЗНАМ по шест пратенички мандати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ