четврток, 18 април 2024
Министерот за образование по протестот на факултетот

Шаќири: Бараките на БРО би биле времено решение за ФИНКИ, но добив негативно мислење

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека добил негативно мислење бараките во кои се сместени вработени на Бирото за развој на образование (БРО) да бидат отстапени на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ чие раководство и студентите бараат соодветен простор за работа.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас овие информации ги имам доставено до ФИНКИ дека моментално треба да се најде решение за Бирото за развој на образование. Тие бараки би биле времено решение за Факултетот“, истакна Шаќири одговарајќи на новинарски прашања на интерактивен настан за климатска акција и образование за животната средина во Градскиот парк.

Тој нагласи и дека барал средства за доизградба на почнатите објекти за ФИНКИ и за Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет.

„Во двата претходни буџета не се обезбедени тие дополнителни средства, но се обезбедени дополнителни средства за ФИНКИ да има повеќе простории во Технолошко-технички факултет, кои се прилагодени и со буџетот на ФИНКИ и со буџетот на МОН“, рече Шаќири.

Тој вети решение, посочувајќи дека побарал помош од УКИМ за да го анализираат бројот на студенти во одредени факултети.

„Ако во одреден факултет има слободни простории, треба да најдеме решение во соработка со другите факултети да ги прифатат студентите од ФИНКИ, но исто така повикувам Владата и Министерството за финансии да ја поддржи со буџет изградбата на новиот објект или тој веќе почнат објект на ФИНКИ“, нагласи ресорниот министер откако денеска студентите и раководството на ФИНКИ го изразија незадоволството од условите за студирање со мирен протест пред Владата, барајќи соодветен простор за работа.

Во однос на финансиската помош за основците и средношколците, Шаќири увери дека  ќе се исплати за сите месеци, буџетските средства се во Министертсвото за образование и наука, и до петок, рече тој, ќе се реализира исплатата за декември и јануари. Нагласи дека финансиски средства се исплаќаат за училиштата со точно изработени податоци.

„Не сакам да се префрли вината во момент кога зборуваме, мислам дека до утре ќе стигне бројката до 100 000 ученици во основно и средно, кои се исплатени за декември и јануари. До петок ќе се реализира за декември и јануари, па после лесно е за наредните месеци, бидејќи ќе имаме точна бројка со точни податоци, за сите ученици. Многу од податоците кои доаѓаат од различни општини, различни училишта имаат потреба за доработка“, рече Шаќири.

На забелешката дека нема списоци за тоа кои ученици ќе добијат финансиска помош, тој подвлече дека училиштата знаат, бидејќи тие ги доставувале до МОН списоците со матични броеви и трансакциски сметки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ