Групи за права на животните наведоа дека китот е најден со рани од куршуми, истакнувајќи дека станува збор за „гнасно злосторство“. „Ќе бараме правда за Хвалдимир“, вети Регина Хог, основачка на Уан вејл, група која го следеше движењето на Хвалдимир.
Хвалдимир прв пат беше забележан во норвешките води пред пет години. Имал Гопро камера прицврстена за појас на кој пишувало „Опрема Сант Петербург“, што предизвика нагаѓања дека љубопитниот цицач може да се бавел со шпионирање.
Локално стана познат како Хвалдимир, игра на зборови од норвешкиот збор за кит, „хвал“, и името на рускиот претседател Владимир Путин. Телото на арктичкиот цицач било најдено кај југозападниот град Рисавик на 1 септември.
Групите Ноа и Уан вејч потврдија дека поднеле пријава до норвешката полиција барајќи отворање кривична истрага. „Имаше повеќе рани од куршуми по телото“, наведе Хог. Таа сподели и фотографии кои наводно ги покажуваат раните на крвавото тело на китот.
BREAKING:
New photos have emerged from @onewhaleorg showing blood streaks and apparent bullet wounds in the body of Hvaldimir, the famous beluga believed to have escaped the Russian navy.
Initial reports told Norwegian news he had “no visible injuries”. pic.twitter.com/GuAJaOCsCR
— spencer 🦈 (@Unpop_Science) September 4, 2024
Меѓутоа Марин мајнд, организацијата која го открила телото, порача дека не постојат докази врз основа на кои би можела веднаш да се утврди причината за смртта. „Прерано е да се каже која е причината за смртта“, кажа директорот на организацијата Себастијан Странд.
Телото во понеделникот било префрлено во подружница на Норвешкиот ветеринарен институт за обдукција. Извештајот се очекува „во рок од три недели“, истакна портпаролка на институтот. Со проценета старост од околу 15 години, Хвалдимир не бил стар за кит белуга, кој може да доживее и 60 години.
Полицијата на локалните медиуми им кажала дека ќе го истражи случајот „за да утврди дали постојат разумни мотиви за отворање истрага“.
Хвалдимир прв пат им пришол на норвешки бродови во април 2019 во близина на островот Ингоја, околу 415 километри од Мурманск, каде е сместена руската Северна флота. Русија има историја на тренирање морски цицачи како делфини во воени цели.