Кина утринава мобилизираше „воени авиони и ја премина централната линија од север, центар и југ“, соопшти тајванското Министерство за одбрана, мислејќи на неофицијалната граница што ја дели континентална Кина од Тајван. Министерството објави дека изброило девет кинески воени брода и 26 авиони околу островот. Бродовите биле откриени околу 11 часот по локално време, се додава.
Во вторникот, тајванскиот парламент ги повика кинеските власти веднаш да престанат да го заплашуваат Тајван. Тој ја повика меѓународната заедница заеднички да ја осуди Кина. Во саботата, Пекинг почна тридневни воени вежби околу Тајван, за време на кои се одржаа симулации на целни напади и вежба за опкружување на островот, кој има автономна управа, но Кина смета дека е нејзин.
Вежбите беа одговор на средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, минатата недела во Калифорнија. Во меѓувреме, Цаи остро ја критикуваше Кина дека ја искористила нејзината посета на САД како оправдување за воените вежби.
„Ова не е одговорен однос на една суперсила во регионот“, рече таа во видеото објавено во вторникот. Таа им се заблагодари на членовите на вооружените сили на Тајван и крајбрежната стража што останале смирени во услови на тензија.
Во понеделникот Тајван забележал 91 кинески авион во областа околу островот, што е најголем број досега, а вкупно 54 авиони влегоа во југозападниот и југоисточниот воздушен простор на Тајван. Во исто време, дванаесет брода на кинеската морнарица биле забележани околу Тајван во понеделникот.
Командата на кинеската војска во источниот дел на земјата, чија јурисдикција го опфаќа и Тајванскиот теснец меѓу двете земји, објави дека вежбите служат како предупредување за силите за независност на Тајван и за странското мешање.
Тајван има независна влада од 1949 година, но Кина го смета за дел од својата територија.