понеделник, 14 октомври 2024

Кина започна нова рунда воени вежби околу Тајван

Кинеската војска денеска започна нова рунда воени вежби во близина на Тајван како предупредување против „сепаратистичките акти на тајванските сили за независност“, без да прецизира кога би завршиле вежбите, што тајванската влада го осуди како провокација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кинеската крајбрежна стража објави дека распоредила четири флоти за „инспекции“ во водите околу Тајван, набргу откако Пекинг започна воени маневри во близина на островот.

„Флотите 2901, 1305, 1303 и 2102 се ангажирани во инспекции за спроведување на законот во водите околу островот Тајван (…) во согласност со законот заснован на принципот „Една Кина“, според кој Тајван е дел од кинеската територија“, рече Лиу Дејун, портпарол на крајбрежната стража.

Вежбите, наречени Заеднички меч-2024Б, имаат за цел „да ги тестираат заедничките оперативни способности“, објави во понеделникот наутро кинеското Министерство за одбрана.

„Операции се одвиваат во областите северно, јужно и источно од островот Тајван“, изјави капетанот Ли Си, портпарол на Источната команда на кинеската војска.

Маневрите се фокусирани на патроли за борбена готовност море-воздух, блокада на пристаништа и клучни области, напад на поморски и копнени цели, како и заедничко стекнување на севкупна надмоќ, додаде тој.

Командата објави мапа на која се прикажани девет области околу Тајван каде се одржуваат вежбите – две на источниот брег на островот, три на западниот брег, една на северот и три околу островите под контрола на Тајван во близина на кинескиот брег.

„Вежбата служи и како силно предупредување против сепаратистичките акти на тајванските сили за независност. Тоа е легитимна и неопходна операција за зачувување на суверенитетот и националното единство на државата“, се вели во соопштението објавено на кинески и англиски јазик.

Министерството за одбрана на Тајван го осуди „ирационалното и провокативно однесување“, гарантирајќи дека „распоредило соодветни сили за соодветен одговор со цел заштита на слободата и демократијата, како и одбрана на суверенитетот на Тајван“.

„Соочен со понатамошни политички, воени и економски закани што Кина ги претставува за Тајван во последните денови, Тајван нема да отстапи“, се вели во соопштението на тајванскиот Совет за прашања на копното.

Имено, демократски управуваниот Тајван, кој Кина го смета за своја територија, е подготвен за нови воени игри уште од минатонеделниот говор на претседателот Лаи Чинг-те на националниот ден, кога порача дека Кина нема право да го претставува Тајван, што предизвика жестоки критики од Пекинг и обвинувања за намерно подигање на тензиите.

Кина го смета Тајван за дел од својата територија што еден ден повторно ќе се обедини и никогаш не се откажала од употребата на воена сила за да ја врати контролата. Во последниве години, таа го засили притисокот врз Тајван со зголемување на своите воени активности околу островот, одржувајќи речиси постојано присуство користејќи воени авиони и бродови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ