сабота, 27 јули 2024

Кина продолжува со воените вежби, ја тестира својата способност да го окупира Тајван

Кинеската војска денеска спроведе втор ден воени симулации околу Тајван, тестирајќи ги своите способности да ја преземе моќта и контролата над клучните области во вежбите чија цел е казнување на новиот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те, соопшти Пекинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дводневните вежби во Тајванскиот теснец и околу групи острови под контрола на Тајван во близина на кинескиот брег започнаа само три дена откако Лаи ја презеде функцијата и вклучуваат лажно бомбардирање на странски бродови, изјави тајвански официјален претставник.

Кинеската државна телевизија објави дека војската денеска испратила бомбардери со активни проектили за да извршат лажни напади во вежбите во близина на Тајван.

Бомбардерите од Источната команда на Народноослободителната војска се распоредени во неколку напаѓачки формации во водите источно од Тајван, каде извршуваат лажни напади во координација со бродовите на морнарицата, се додава.

Тајванските власти ги осудија постапките на Кина. Кина го смета демократски уредениот Тајван како своја територија и го осудува Лаи како „сепаратист“.

Таа остро го критикуваше неговиот инаугурациски говор во понеделникот, во кој тој го повика Пекинг да престане со заканите и рече дека двете страни на теснецот „не се потчинети една на друга“.

Командата на Народноослободителната војска на Југоисточна Кина во кусо соопштение порача дека силите денеска продолжиле со вежбите наречени „Здружен меч – 2024А“.

„Вежбите служат за тестирање на способноста за заедничко преземање на власта, започнување заеднички напади и заземање клучни области“, се вели во соопштението.

Кина никогаш не ја отфрли употребата на сила за да го стави Тајван под своја контрола. Вооружените сили на Тајван се мобилизираа поради надзор и следење на акциите на кинеските сили.

Министерството за одбрана на Тајван денеска објави фотографија од ловци Ф-16, вооружени со активни проектили, кои патролираат на небото. Министерството објави дека од петокот во 6 часот наутро биле детектирани 49 кинески воени авиони, 19 поморски бродови и 7 бродови на крајбрежната стража.

Од авионите, 28 ја преминале централната линија на теснецот, која некогаш служела како неофицијална бариера, иако Кина вели дека не ја признава.

Најблиску до брегот на Тајван бил кинескиот авион кој бил на 74 километри од градот и поморската база Килунг на северот на Тајван, според мапата обезбедена од тајванското министерство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ