недела, 20 октомври 2024

Кина: Кој ќе се осмели да нè раздели од Тајван, ќе биде здробен на парчиња

Кинескиот министер за одбрана Донг Јун предупреди дека секој што ќе се осмели да бара независност на Тајван ќе биде „здробен на парчиња“ и ќе се соочи со „уништување“. Тој ги обвини надворешните сили дека го вовлекле островот во „опасна ситуација“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во говорот на најголемиот самит за одбрана во Азија „Дијалог Шангри-ла“ во Сингапур, Донг рече дека Пекинг е посветен на „мирно обединување“ со Тајван, но дека е подготвен „за секакви екстремни ситуации“ и дека секој обид да бара независност би бил залуден.

Пекинг го гледа Тајван, кој е управуван на демократски начин, како кинеска провинција и го опиша новоизбраниот претседател на островот Лаи Чинг-те како „опасен сепаратист“. Обраќајќи им се на претставниците на одбраната и владата во неделата наутро, Донг рече дека „сепаратистите“ дале „фанатични изјави кои го покажуваат нивното предавство на кинеската нација и предците“.

„Ќе бидат заковани на историскиот столб на срамот“, нагласи тој. Тој ја обвини владејачката Демократска напредна партија во Тајван дека бара отцепување, пишува Гардијан.

„Тие се подготвени да го избришат кинескиот идентитет на Тајван и да ги прекинат социјалните, историските и културните врски преку Тајванскиот теснец“, рече тој. Тој смета дека и надворешните сили се обиделе да ги „охрабрат тајванските сепаратисти во обидот со помош на Тајван да ја ограничат Кина“.

„Овие злонамерни тенденции го вовлекуваат Тајван во опасна ситуација“, истакна кинескиот министер. Претседателската канцеларија на Тајван одговори дека Кина погрешно ја претставила позицијата на тајванската влада на форумот, каде на Тајван не му е дозволено да испрати свои претставници.

Тајванскиот совет за прашања на копното, кој ја води политиката кон Кина, рече дека длабоко жали за „провокативните и ирационални“ коментари и повтори дека Народна Република Кина никогаш не владеела со островот.

Коментарите на Донг дојдоа непосредно по состанокот со неговиот американски колега Лојд Остин, првиот разговор лице в лице меѓу двајцата шефови на одбраната во последните 18 месеци. Според информациите, средбата траела повеќе од еден час.

Минатиот месец, Кина организираше лажни ракетни напади врз Тајван како „казна“ за „сепаратистичките дела“ по инаугурацијата на Лаи. Кинескиот владетел Си Џинпинг никогаш не ја отфрлил употребата на сила за преземање на островот.

Донг рече дека Кина е посветена на мирно обединување, но додаде: „Кој ќе се осмели да го одвои Тајван од Кина, ќе биде здробен на парчиња и уништен“.

„Како министер за одбрана, да бидам целосно искрен со вас, подготвени сме за секакви екстремни ситуации што може да се случат со независноста на Тајван и цврсто сме уверени во нашите способности да ја одвратиме независноста на Тајван“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ