Оваа одлука има значително влијание врз илјадници вработени – само во Гласот на Америка, повеќе од 1.300 вработени се испратени на платен одмор од петокот, кога беше издадена извршната наредба.
Критичарите го гледаат ова како назадување на демократијата, додека кинескиот државен весник Глобал тајмс ги осуди Гласот на Америка и РФА за нивните „ужасни написи“ во известувањето за Кина, тврдејќи дека сега се „отфрлени од сопствената влада како валкана крпа“. Белата куќа ја бранеше одлуката, наведувајќи дека ќе „обезбеди даночните обврзници повеќе да не плаќаат за радикална пропаганда“.
Мерките на Трамп се однесуваат на Американската агенција за глобални медиуми, која е поддржана од Конгресот и финансира новински куќи како што се Гласот на Америка, Радио Слободна Азија (РФА) и Радио Слободна Европа (РФЕ).
Овие организации се здобија со меѓународно признание за своето известување во земји каде слободата на печатот е строго ограничена или непостоечка, од Кина и Камбоџа до Русија и Северна Кореја.
Иако властите во некои од овие земји го блокираат емитувањето – на пример, Гласот на Америка е забранет во Кина – луѓето можат да ги слушаат овие станици преку радио или да користат ВПН за да ги заобиколат забраните.
РФА често известуваше за кршење на човековите права во Камбоџа, а поранешниот авторитарен лидер Хун Сен го поздрави намалувањето на финансирањето како „голем придонес за елиминирање на лажните вести“.
Таа беше, исто така, меѓу првите новински куќи кои известуваа за мрежата на „логори за превоспитување“ во Синџијанг, каде што, наводно, биле приведени илјадници муслимани Ујгури, тврдење кое Пекинг го негира. Нејзиното известување за дезертери од Северна Кореја и наводното прикривање на смртни случаи од ковид-19 во Кина освои бројни награди.
Според кинескиот Глобал тајмс, Гласот на Америка е наречен „фабрика на лаги“, а во написот објавен синоќа се тврди дека „демонизирачките наративи што ги шири Гласот на Америка на крајот ќе станат предмет на потсмев“ бидејќи американските граѓани ќе почнат да ја разбираат вистинската и повеќедимензионална слика на Кина.
Валдја Барапутри, новинарка од Гласот на Америка која ја загуби работата за време на викендот, рече дека таквата реакција била „лесно предвидлива“, додавајќи дека кратењето на финансирањето овозможува раст на каналите кои не обезбедуваат точно и избалансирано известување.
Националниот прес-клуб, водечката новинарска организација во САД, ја осуди наредбата, велејќи дека таа „ја поткопува долгогодишната посветеност на Америка за слободно и независно новинарство“.
Гласот на Америка, основан за време на Втората светска војна за да се спротивстави на нацистичката пропаганда, стигнува до околу 360 милиони луѓе неделно на речиси 50 јазици. Со текот на годините се емитуваше во Кина, Северна Кореја, комунистичка Куба и поранешниот Советски Сојуз, а во тоа време беше обвинет за ширење американска пропаганда.
Мајкл Абрамовиц, директор на Гласот на Америка, рече дека наредбата на Трамп го ослабува Гласот на Америка, додека „противниците на Америка, како Иран, Кина и Русија, инвестираат милијарди долари во создавање лажни наративи кои имаат за цел да ги дискредитираат САД“.
РФА е основана во 1996 година и допира до речиси 60 милиони луѓе неделно во Кина, Мјанмар, Северна Кореја, Камбоџа, Виетнам и Лаос. Во Кина се емитува на јазиците на малцинствата како тибетски и ујгурски, покрај англискиот и мандаринскиот.
Извршниот директор на РФА, Беј Фанг, рече дека организацијата ќе ја оспори наредбата, велејќи дека намалувањето на финансирањето на овие медиуми „ги наградува диктаторите и деспотите, вклучително и Кинеската Комунистичка партија, кои најмногу би сакале нивното влијание во информативниот простор да остане непроверено“. И покрај тоа што кинеските државни медиуми ја слават оваа одлука, тешко е да се каже како реагират луѓето во Кина, со оглед на строгата цензура на интернетот.