сабота, 27 јули 2024

Кина ја обвини Велика Британија дека регрутирала кинеска брачна двојка како шпиони

Кинеските власти денеска ја обвинија Британија дека регрутирала брачна двојка вработена во кинеската влада за да шпионира за британската разузнавачка служба МИ6.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за државна безбедност (МСС) објави дека неодамна разоткрило голем случај на шпионажа поврзан со британската МИ6, при што е уапсена брачна двојка.

Велика Британија и Кина веќе подолго време меѓусебно се обвинуваат за шпионажа. Британската полиција пред неколку недели обвини три лица за шпионирање за разузнавачката служба на Хонг Конг, по обвиненијата во април против други двајца обвинети за шпионирање за Кина. Од друга страна, кинеската МСС во јануари објави дека уапсила шеф на странска консултантска компанија кој наводно шпионирал за МИ6, пишува Си-ен-ен.

ММС денеска изнесе детални обвинувања против парот. Се вели дека наводниот шпион, со презиме Ванг, работел на владина позиција каде што имал пристап до важни доверливи информации. Во соопштението се наведува дека во 2015 година Британија многу брзо му дала на Ванг дозвола за студирање во Обединетото Кралство бидејќи бил забележан од МИ6.

Додека студирал во Британија, МИ6 му организирала ручеци или вечери и турнеи за да ги процени неговите слабости, тврди МСС. Кога открила дека Ванг е поткуплив, британската шпионска агенција го експлоатирала поранешниот студент и го намамила да прифати позиција на хонорарни консултации со висок надомест, соопшти МСС.

„Британија најпрво започнала со анализа на истражувачки проекти, а потоа постепено се префрлила на основните внатрешни прашања на нашите централни владини агенции, плаќајќи му надоместок значително повисок од вообичаените консултантски стапки. Иако Ванг првично беше претпазлив, тој продолжи да обезбедува таканаречени консултантски услуги на британската страна“, се наведува во соопштението на МСС.

ММС додаде дека Ванг се согласил со условите и поминал обука за шпионажа пред да се врати во Кина каде продолжил да собира разузнавачки информации. Притоа, ја убедил својата сопруга Џоу, која работела во важна владина агенција, исто така да се вклучи во шпионажата за на тој начин да заработат повеќе пари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ