сабота, 27 јули 2024

Кина и Русија ставија вето на нови санкции кон Северна Кореја во Советот за безбедност

Објавено на

часот

Сподели

Гласањето во 15-члениот Совет за безбедност заврши со 13-2, што ја означи првата сериозна поделба меѓу петте постојани членки на најмоќното тело на ОН со право на вето.

Советот за безбедност воведе санкции само по првата пробна нуклеарна експлозија на Северна Кореја во 2006 година и оттогаш ги заострува, обидувајќи се да ја ограничи севернокорејската нуклеарна и балистичка ракетна програма и да го спречи нивното финансирање.

Американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд повика на единство пред гласањето во четвртокот, нарекувајќи ги шесте овогодинешни тестови на интерконтинентални балистички проектили на Северна Кореја за „закана за целата меѓународна заедница“.

Пред гласањето, Кина го најави своето противење на нови санкции кон Северна Кореја, а кинескиот амбасадор во ОН Џанг Јун ги повика Соединетите Држави да преземат „смислени, практични активности“ за да го обноват дијалогот со Пјонгјанг и да најдат политичко решение за ситуацијата на Корејскиот Полуостров, каде Корејската војна 1950-53 година заврши само со примирје, а не и со мировен договор и оттогаш кризата непрекинато трае.

Во средата, Јужна Кореја објави дека претпоставува дека Северна Кореја пробно лансирала интерконтинентален проектил и две ракети со краток дострел. Ова беше 17 случај на истрелување севернокорејски ракети оваа година.

Во последната резолуција за санкции усвоена во декември 2017 година, Советот за безбедност вети дополнително ограничување на извозот на нафта во Северна Кореја доколку изврши лансирање на балистички ракети способни да достигнат интерконтинентален дострел.

Американската амбасадорка во ОН овој месец рече дека во последните четири години „две членки“ на Советот за безбедност, што јасно се однесувало на Кина и Русија, го „блокираа секој обид“ да се спроведат санкции на ОН против Северна Кореја.

Резолуцијата што не беше усвоена во четвртокот требало да го намали извозот на сурова нафта во Северна Кореја од четири милиони барели годишно на три милиони и да го намали извозот на рафинирани нафтени деривати од 500.000 барели годишно на 375.000. На Северна Кореја би ѝ се забранил и извозот на минерални горива, минерални масла и минерални восоци.

Покрај тоа, резолуцијата би забранила продажба или пренос на сите тутунски производи во Северна Кореја, би ги заострила поморските санкции и би го забранила извозот на рачни и ѕидни часовници и нивни делови од таа земја.

Предложената резолуција би наметнела глобално замрзнување на имотот на групата Лазарус, создадена од Северна Кореја. Во текстот се вели дека Лазарус се занимава со „сајбер шпионажа, кражба на податоци, кражба на пари и деструктивни операции на злонамерен софтвер“ против државни, воени, финансиски, производствени, издавачки, медиумски и забавни институции, како и бродски компании и критична инфраструктура.

Резолуцијата, доколку биде прифатена, ќе ги замрзне и средствата на трговската корпорација „Кореа Намганг трејдинг“, која испраќа севернокорејски работници во странство, а тие ѝ носат приход на државата.

Санкциите би влијаеле и на компанијата Хегумганг трејдинг, за која во нацрт-резолуцијата се вели дека соработувала со компанија од Мозамбик според договор од 6 милиони долари за ракети земја-воздух, радари и преносни системи за противвоздушна одбрана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ