„Злите, конфронтациски амбиции на САД и нивните сателити никогаш нема да сопрат сами од себе, и никогаш не треба да седиме и гледаме како безобѕирните и неодговорни воени закани на нашите непријатели ги кршат темелите на мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров“, кажа Ким Џонг Ун.
Севернокорејскиот лидер истакна дека таа земја испратила јасен сигнал до непријателските сили кои, и покрај повторените остри предупредувања и осуди, ја прошируваат воената конфронтациска хистерија, која продолжува цела година.
„Вежбите јасно покажаа на каква итна акција сме спремни и каков ќе биде нашиот избор ако Вашингтон донесе погрешна одлука, одлука против нас“, укажа Ким Џонг Ун.
Според него Пјонгјанг, во случај на понатамошни непријателски акции на Вашингтон, би требало да одговори со „поактивни офанзивни акции користејќи напредни и заканувачки опции“.
Се додава дека по вежбата, лидерот на Северна Кореја поставил „нови важни задачи“ во врска со забрзаното јакнење на нуклеарните сили.
Според проценките на јапонското министерство за одбрана, дострелот на ракетата лансирана вчера, кога се лансира по нормална траекторија, може да мине 15.000 километри, што ја покрива целата територија на САД.
САД, Јужна Кореја, Јапонија и други земји го осудија лансирањето на севернокорејската ракета.