вторник, 22 октомври 2024

Киев урива мостови во Русија, но се повлекува на своја територија

Москва вчера соопшти дека Украина урнала трет мост во нападот на руската област Курск, за кој Киев тврди дека целта му е формирање тампон зона и исцрпување на руската воена машинерија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓутоа, украинските сили се повлекуваат на другите фронтови и се борат за да го сочуваат источниот град Покровск, каде Русија напредува во изминатите недели, пренесува Ројтерс.

Претседателот Володимир Зеленски изјави вчера дека украинските сили контролираат повеќе од 1.250 квадратни километри и 92 населби во руската област Курск.

Тој побара од сојузниците на Украина да дозволат напади со западно оружје длабоко во Русија, кажувајќи дека тоа што ја немаат таа дозвола е главната причина поради која Украина не можела да го сопре напредувањето на руските трупи на фронтот на истокот.

„Наивниот, илузорен концепт на таканаречените црвени линии во врска со Русија, кој доминира во проценката на војната кај некои партнери, се распадна овие денови некаде кај Суџа“, кажа Зеленски во обраќањето до амбасадорите, упатувајќи на пограничниот град во руската област Курск кој во моментов е под контрола на украинските сили.

Русија соопшти дека е погоден и оштетен трет мост на реката Сејм која минува низ Курскиот регион на границата со североисточна Украина. воените аналитичари сметаат дека мостовите се дел од клучните линии за снабдување на руските трупи кои ја бранат таа област.

Зеленски во неделата изјави дека неговите трупи спроведуваат нешто што го опиша како „максимални контраофанзивни акции“ насочени кон создавање тампон зона и нанесување штета на воените потенцијали на Москва.

Повеќе од 121.000 луѓе се евакуирани од девет гранични окрузи во Курската област, соопшти руското министерство за вонредни ситуации. Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, кажа дека Москва засега нема да одржи мировни преговори со Киев, имајќи го предвид нападот на Курск. Украина бара целосно повлекување на руските трупи од својата територија пред почетокот на какви било преговори.

Украинските сили се соочуваат со жестоки борби во близина на Покровск, транзитниот центар за украинските сили. Руските трупи сега се на околу 10 километри од предградијата на градот, кажа Сергеј Добријак, шефот на локалната воена администрација. Тој кажа дека градот дневно го напуштаат околу 600 луѓе и дека општинските служби би можеле да бидат отсечени во рок од една недела додека руските сили се приближуваат.

Регионалниот гувернер Вадим Филашкин изјави дека полицискиот час во населбите во близина на Покровск е заострен и дека ситуацијата е „многу тешка“.

Највисокиот украински генерал кажа дека Киев „прави сè што е потребно“ за да го одбрани источниот град Торетск додека Москва се обидува да ги загрози украинските линии за снабдување. Русија соопшти дека нејзините сили го зазеле блискиот град Артјомово.

Војната, која однесе десетици илјади животи и разурна градови низ Украина, не покажува знаци на смирување. Киев очекува Москва да ги зголеми своите сили во Украина до крајот на годината на 800.000, од сегашните 600.000, кажа заменикот на украинскиот министер за одбрана Иван Хавриљук.

Киев добива оружје од своите западни сојузници, но е загрижен дека таа поддршка може да опадне ако војната продолжи. Британија вчера ја повтори својата поддршка на Киев, а се очекува индискиот премиер Нарендра Моди да ја посети украинската престолнина на 23 август.

Меѓутоа, акциите на германските компании за оружје вчера забележаа пад на берзите откако еден весник објави дека министерството за финансии нема да одобри дополнителни барања за помош на Украина поради буџетските ограничувања.

Портпаролот на германското министерство за финансии подоцна кажа дека Берлин интензивно работи со своите партнери од групата Г7 да обезбеди заеми за поддршка на Украина, финансирани од приходите од замрзнатиот руски имот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ