Подолјак изрази незадоволство од овие две земји од централна Европа, бидејќи премиерите на Унгарија и Словачка Виктор Орбан и Роберт Фицо сè почесто ја доведуваат во прашање безусловната воена и финансиска помош за Киев, а и инсистираат на решавање на конфликтот по дипломатски пат.
Претходно месецов Киев го критикуваше Орбан за предлогот за божиќно примирје меѓу Украина и Русија. Зеленски беше незадоволен и од посетата на Фицо на Москва, кој ги игнорира барањата на Киев да избегнува контакти со претседателот на Русија Владимир Путин.
„Постојано ги блокираат иницијативите на ЕУ на различни нивоа. Збунети сме зошто ја играат оваа игра. Тие две земји ја поништуваат репутацијата на ЕУ, а реакција изостанува“, кажа Подолјак во интервју за украинска телевизија.
Тој предложи Брисел „да ги промени правните постапки и да им оневозможи на Унгарија и Словачка да ги блокираат иницијативите на ЕУ“.
Во друго интервју Подолјак изјави дека Будимпешта и Братислава „станале значително повеќе проруски“.
„Чудно е кога земји како Словачка кажуваат „Ајде сепак да соработуваме со Русија“, кажа тој, тврдејќи дека Словачка треба да ја напушти ЕУ „ако верува дека Русија е во право“.
Роберт Фицо порача дека неговата посета на Москва е одговор на плановите на Украина да го прекине транзитот на руски гас кон Словачка. Тој предупреди дека прекинот на испораките, кои доаѓаат преку украинска територија преку нафтоводот Дружба, сериозно ќе ѝ наштети на словачката економија.
Словачкиот премиер изјави дека го изненадила критиката од Украина на неговата посета на Москва, и дека Зеленски изнел „апсурден предлог“ транзитот на гас да продолжи под услов Словачка да го одложи плаќањето на Русија до крајот на војната.
Фицо предупреди на понатамошни ескалации меѓу НАТО и Русија. Наведе дека Киев би требало да биде „барем малку реалистичен“ и да „признае дека Русија никогаш нема да ги напушти Крим, Доњецк и Луганск“.