среда, 15 јануари 2025

Киев: Силен руски напад врз Украина, погодени важни инфраструктурни објекти (ВИДЕО)

Важни инфраструктурни објекти утринава беа погодени во западна Украина во нов силен руски воздушен напад, соопштија украинските власти.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Две локации од ‘неопходната инфраструктура’ беа погодени во областите Дробич и Стриј“, рече во соопштението Максим Козицки, гувернер на западниот регион Лавов каде што се наоѓаат градовите.

Една ракета паднала во селото Скнилив и создала кратер широк шест метри, но нема жртви, додаде тој.

Во соседниот регион Ивано-Франковск, нападот бил насочен кон „локации на неопходната инфраструктура“ и немало жртви, рече гувернерката на територијата.

Украинските власти рано утринава издадоа воздушна тревога поради нападите со руски крстосувачки ракети во неколку делови на земјата, еден ден по големиот напад на украинските сили врз неколку руски региони.

Украинските воздухопловни сили на својот профил на Телеграм објавија дека проектилите се движеле кон Криви Рих, родниот град на претседателот Володимир Зеленски во центарот на земјата, како и кон регионите Чернихив на север, Полтава во централна Украина и Миловаив на југот. Овој извор додал дека и група крстосувачки ракети се движат кон Киев.

Земјата беше принудена да воведе превентивни прекини на струја поради големиот воздушен напад, изјави украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.

„Непријателот продолжува да ги тероризира Украинците“, напиша Халушченко на Фејсбук, повикувајќи ги граѓаните да останат во засолништата додека е во сила тревогата и да ги следат официјалните најави.

Државната енергетска компанија Укренерго соопшти дека вонредни прекини на електричната енергија се воведени во регионите Харков, Суми, Полтава, Запорожје, Дњепропетровск и Кировград, пренесе АП.

Во западниот регион Лавов руските сили рано утрово извршија ракетни напади насочени кон енергетската инфраструктура, изјави градоначалникот на Лавов, Андриј Садовји. Тој рече дека непријателските крстосувачки ракети биле забележани во регионот за време на утринскиот напад. Засега нема информации за жртви.

Речиси три години од почетокот на руската офанзива, Киев и Москва ги засилија нападите за да ги подобрат своите позиции пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на 20 јануари. Новоизбраниот американски претседател Трамп изјави дека планира да работи на завршување на војната веднаш по преземањето на функцијата.

Украина потврди дека во ноќта меѓу понеделникот кон вторникот го извршила најголемиот напад во војната врз воени и индустриски објекти во неколку региони на Русија.

Според руското Министерство за одбрана, станува збор за шест американски ракети АТАКМС и шест британски ракети „стормшедоу“. Министерството соопшти дека сите проектили се соборени и дека нема човечки жртви.

Русија вети систематски одговор на секој западен ракетен напад на нејзина територија, се закани дека ќе го таргетира центарот на Киев и, меѓу другото, ќе ја користи својата нова експериментална хиперсонична ракета орешник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ