„Го запревме транзитот на руски гас, тоа е историски настан. Русија ги губи пазарите и ќе претрпи финансиски загуби“, изјави украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко, пренесе неговата служба.
Руски Газпром објави дека до 8 часот утринава (6 часот по средноевропско време) не бил испорачан гас за транзит преку Украина.
„Поради постојаното и експлицитно одбивање на украинската страна да го продолжи тој договор, Газпром е лишен од техничко-правната можност да испорачува гас за транзит преку Украина од 1 јануари“, соопшти руската државна гасоводна компанија.
Украинскиот министер Галушченко изјави дека Киев ги информирал своите „меѓународни партнери“ за прекинот на транзитот на гас, што се најавуваше со месеци.
Во последните недели Унгарија и Словачка се пожалија дека гасот ќе им биде прекинат на 31 декември без реални непосредни можни алтернативи.
Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој е близок со Владимир Путин и чија земја е силно зависна од испораките на руски гас, на 22 декември отиде во Москва за да се обиде да најде решение за ситуацијата.
Неговата ненајавена посета го налути украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини Фицо дека сака „да му помогне на Путин“.
Денес, Газпром треба да ја запре испораката на гас за Молдавија во контекст на финансискиот спор со таа поранешна советска република, која избра проевропска претседателка.
Договорот со кој се овозможува снабдување на Европа со руски гас преку Украина, кој Киев и Москва го потпишаа во 2019 година, беше во сила до утрово и покрај војната и беше финансиски профитабилен за двете страни.
По прекинот на транзитот на гас преку Украина и повеќе од две години од саботажата на гасоводот „Северен тек“ во Балтичкото Море, Европа ќе добива руски гас само преку гасоводот „Турски тек“ и неговиот продолжеток „Балкански тек“. Европа увезува руски течен природен гас и со танкери.
Според официјалните податоци, само во 2023 година во Европа со транзит преку Украина пристигнале 14,65 милијарди кубни метри гас, пренесува Франс прес.