„Не можам да го опишам колку сум горд и неизмерно среќен сум што можам да бидам дел од нејзиниот успех. Твојата посветеност кон фитнесот и огромната дисциплина се огледало на твојот успех. Ти ја заслужуваш секоја пофалба и секое честитка, бидејќи го покажа твојот талент и напор затоа што ни еднаш не кажа дека ти е тешко. Напротив уживаше во целиот процес на подготовки.
Твојата способност да се избориш со сите предизвиците на само 16 години и да ги превземеш тренинзите толку успешно ме прави особено горд. Ти не се предаде никогаш, ти работеше уште посилно и повеќе за да ги постигнеш своите цели. Тоа не само што ме воодушевува, туку ме потикнува и ме издигнува“, напиша во емотивната порака нејзиниот татко, познатиот бодибилдер Тоше Зафиров.
Тој додава дека не се сомнева оти неговата ќерка ќе продолжи по овој пат и дека овие награди со кои се закити ќе и помогнат уште повеќе да се мотивира и да продолжи со овој спорт.
„Твојот прв медал е само почетокот на твојата натпреварувачка приказна која ќе биде наша голема радост да ја следиме. Понатаму, јас како твој тренер и татко, се обврзувам да те поддржам во секоја фаза од твојата кариера. Тука ќе бидам секогаш за да те насочам и да те водам, ќе ти помогнам да го надминеш секој предизвик и да ги освоиш сите височини што ги посакуваш. Ангела, ти си моето најголемо богатство и мојот најголем успех. Тоа што ги остваруваш денес е само почетокот на многу останати успеси што те чекаат во иднина. Те сакам неизмерно многу и се гордеам што сум твој татко и тренер“, додава Зафиров во пораката до неговата ќерка.
Брачната двојка Зафирови вежбаа постојано, а тоа го правеа и во време на пандемијата со ковид-19 и беа првите Македонци кои што отидоа на Мистер Олимпија во САД. Тие во спортот кој долго го негуваат умееа да завршат и со 20 медали во една година.
Нивниот труд сега го продолжува и дополнува и нивната ќерка на која редакцијата на МКД.мк и посакува многу успеси по освоениот прв медал денес.
За ова семејство кога е бодибилдингот во прашање, се чини дека буквално не постои пречка која што може да ги запре кога станува збор за напорните тренинзи во теретана и предизвиците кои им ги носат натпреварите.
И Ангела, како и нејзините родители, на денешниот натпревар го носеше македонското знаме на себе. Таа подолго време се занимава со бодибилдинг и постојано тренира и внимава на исхраната. Нејзиниот труд и донесе злато во Словенија.
К.Д.