петок, 25 октомври 2024

Кенеди барал средба со Харис за да ѝ понуди поддршка во замена за функција

Независниот американски претседателски кандидат Роберт Кенеди Џуниор побарал средба со демократската кандидатка и актуелна потпретседателка Камала Харис за да ѝ понуди поддршка во трката, во замена за функција во нејзината администрација, рекле неименувани извори за Вашингтон пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обидот да се организира состанок, наводно, бил неуспешен, а тимот на Харис нема намера да разговара со Кенеди.

„Ние ја контактиравме кампањата на Харис неколку пати преку посредници од највисоко ниво. Ни беше кажано дека немаат интерес да разговараат со мене“, напиша Кенеди во средата навечер.

Тој истакна дека отсекогаш верувал дека дијалозите меѓу кандидатите на различни партии се важни и дека е подготвен да се сретне со лидерите на демократите и републиканците за да разговараат за „можностите за влада на единство“, пишува Њујорк тајмс.

Вчера, пак, во објава на социјалните мрежи тој ја критикуваше Харис и ја отфрли можноста да ја поддржи во ноември.

„Немам планови да ја поддржам Камала Харис за претседателка. Планирам да ја победам“, изјави Кенеди.

Анкетите покажуваат дека шансите на Кенеди да оствари добар резултат на изборите во ноември се намалиле, во екот на неговите напори за собирање средства за кампањата.

Како што пишува Њујорк тајмс, малку е веројатно дека тимот на Камала Харис би разговарал со Кенеди за можна позиција во нејзиниот кабинет, откако тој пред неколку месеци го критикуваше актуелниот претседател Џо Бајден и на тој начин ја доби поддршката од дел гласачи на Трамп.

Анкетите на јавното мислење покажаа дека Трамп имал поголеми шанси за нов мандат од Бајден, додека одредени анкети покажуваат дека Камала Харис има предност пред републиканецот.

Вашингтон пост минатиот месец објави дека Кенеди разговарал со Трамп за можна работа во кабинетот, предложувајќи улога во раководството на јавното здравство во замена за својата поддршка за поранешниот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ