сабота, 26 октомври 2024

Ќе се менуваат пет закони за да се засили борбата против дискриминацијата

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за амандмани во Нацрт-закон за кривична постапка, Нацрт-кривичен законик, Нацрт-закон за работни односи, Нацрт-закон за родова еднаквост и Закон за спречување и заштита од дискриминација како и Нацрт-упатство за државните органи за промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриманција. 

На настанот што се одржа во „Europe House“, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, истакна дека предизвиците поврзани со почитување на принципите на недискриминација се во насока за унапредување и имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација и поголема самостојност и функционалност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, надминување на постоечките недостатоци и спроведување на хармонизација на законската регулатива со истоимениот законот.

Според неа, за целосно исполнување на целта на овој закон за обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи, треба заеднички уште многу да придонесуваме и работиме и да ги шириме тие начела и принципи во секоја сфера на општеството.

„Потребата од понатамошно усогласување на останатите закони согласно член 48 од Законот за спречување и заштита од дискриминација е од огромна важност и останува еден од приоритететите со што ќе се овозможи понатамошно втемелување на принципите на еднаквост и недискриминација во општествените процеси“, рече таа.

Таа говореше и за обврските преземени со пристапување и ратификација кон меѓународните конвенции и договори во областа на човековите права и слободи, особено во однос на воведување на начелата на еднаквост и недискриминација.

Во однос на, како што рече, посветеноста и подготвеноста на Македонија, ја спомена и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026, во која се дефинирани целите, активностите, мерките, индикаторите и одговорните институции за спроведување на истите на  централно и локално ниво со цел  унапредување на еднаквоста и недискриминацијата, потенцирајќи го почитувањето на разликите и тоа „во едно општество за сите“.

Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, рече дека поголемата еднаквост ги зголемува социјалната хармонија и стабилноста.

„Секое успешно општество почива на еднаквоста на сите граѓани. Прашањето не е кој сум јас, туку што правам јас? Каде се моите таленти и што тоа може да придонесе во мојата заедница и во општеството“, рече тој.

Евроамбасадорот Гир посочи дека треба да се забрза секоја реформа и да биде усогласена со стандардите на ЕУ што е можно подобро, бидејќи, како што рече, членството во ЕУ е условено преку реформите.

Народниот правобранител, Насер Зибери информираше дека преку проектот е направена анализа врз база на која се направени аманадмани на пет закони, чија цел, како што рече, несомнено е подобрување на законодавството кое упатува на дискриминацијата.

Според Зибери, нашата држава оди напред во насока на унапредувањето на заштитата од дискриминација, следејќи ги трендовите и успевајќи да ја усогласи законската рамка со сите директиви и правила на Европската Унија.

„Државата може да креира законска рамка совршена во секое поле. Тешкиот дел е нејзината примена. Зголемувањето на свеста на вработените во јавниот сектор и на самите граѓани во перцепцијата и нивниот став за тие што се различни од нив“, посочи тој.

Целта на проектот е да се подобри ефективната заштита против сите форми на забранета дискриминација, преку зајакнување и на законодавството и зголемувањето на институционалните капацитети на националните власти и на носителите на одлуки и преку него се предложени законски решенија и упатства за нивна имплементација. 

По воведните обраќања се одржа и панел дискуција со претставници од канцеларијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Народниот Правобранител, НВО Полио Плус и експерти од проектот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ