сабота, 19 октомври 2024

Ќе ни дозволи ли ЕХФ победа над Германија?

Објавено на

часот

Сподели

ЕХФ секогаш знае во кој град која селекција треба да игра, сѐ со цел сите да се задоволни

Така, ЕХФ е една од ретките федерации што ги штелува групите на големите европски натпреварувања за да направи профит и да му угоди (и) на домаќинот. Така, нормално е уште пред да избориме пласман на ова ЕП да се знае дека ако учествуваме, ќе играме во Ниш поради близината, дека истото важи за Унгарците во Нови Сад, Хрватите (Вршац). И сето ова за да се изрекламира ракометот како многу атрактивен спорт, во кој салите постојано се полни на сите натпревари, сè со цел да се привлечат компаниите за ТВ-права, цените да рипнат и да бидат барем десеттина од „фудбалските“. ЕХФ годинава го утна само домаќинот (Србите воопшто не се заинтересирани, дури ни за својата селекција), но тоа во друга пригода.

Токму од овие причини, секој македонски ракометар и секој функционер на РФМ тука во Ниш знае дека денеска може да нè очекува вистинска бламажа од страна на судиите (правдата ќе ја делат Исланѓаните Леифсон и Палсон, иако првично беа делегирани Русите Золтин и Володков), со цел да им се даде „ветер во грб“ на Германците, без кои понатамошниот дел на шампионатот би бил бесмислен (за ЕХФ). Победата на Чешка во првото коло изненади многумина, сите предвидуваа дека четата на најдобриот светски ракометар Филип Јиха ќе биде лесен залак за сите, но…

Босна и Херцеговина во 2008 година имаа многу поплаки и упатија официјална жалба на арбитражата на судиите Леифсон и Палсон, откако мечот со Унгарија на 14 јуни беше и прекинат. Судиската двојка го прекина дуелот, а Унгарците го напуштија теренот поради наводно фрлени тврди предмети. Босанската федерација тогаш реагираше до ЕХФ, но унгарското лоби во ракометот беше пресилно за какви било промени. Тогаш Босна се жалеше и на делегатот Ериксон од Шведска, кој ги толерирал, но и ги поттикнувал Унгарците да ја напуштат салата Скендерија во Сараево.

Босанците беа гневни и на исландската двојка, затоа што нејзините одлуки биле на директна штета на домаќинот, но тие многу повеќе иритирале со арогантниот однос и кон клупата, но и кон 8.000-те навивачи во салата. Босна тогаш потенцира дека исландскиот двоец не е на ниво на врвни судии што треба да делат правда во клучни натпревари.

Во Ниш, покрај националната српска телевизија, допатувани се и две германски ТВ-куќи со сета своја опрема, со посебни камиони, комбиња и разни инсталации. ТВ-бизнисот е огромен залак, никој овој спорт не го покрива како Германците, па вистински пекол (финансиски) би бил кога Германија денеска би загубила од Македонија и би испаднала.

Судиите се огромен фактор во ракометот

Македонскиот капитен Кире Лазаров, кој има „влијание“ кај судиите и, како што е со сите ѕвезди во секој спорт, понекогаш има „специјален третман“, веднаш се насмеа кога побаравме да прокоментира за „чесноста“ на ЕХФ.

„Ние сите потсвесно истото го мислиме. Но не го презентираме јавно. Се тргаме од тие мисли. Зашто ако тоа ни влезе во главата и ако почнеме за тоа да зборуваме на денот на мечот, ако муабетиме дека ќе нè крадат, тогаш и да не го прават судиите тоа, ние ќе мислиме дека е така. Затоа, мора да одиме без предрасуди, супер сме подготвени, нè бодрат 4.500 фанатични навивачи и сакаме да го искористиме тоа. Ако се поставиме како што треба, полни со самодоверба и со елан, без мисли дека некој ќе ни наштети, ќе имаме добар резултат со Германија“, вели Лазаров, кој додава дека нашиот денешен противник секако е силен, со и без судии.

„Германците се силни зашто се Германци“, заврши капитенот.

Тоа што важи за Германците пред вечерашниот меч, сигурно ќе важи и за нас пред последниот дуел в четврток со Чешка, ако тој (не дај боже) биде решавачки за нашиот пласман понатаму. ЕХФ нема омилени репрезентации (добро, можеби германската), но секојпат го гледа бизнисот пред спортот. А тоа ни кажува дека на сите повеќе им одговараат 7-8.000 македонски навивачи во вториот круг во Белград, наместо стотина залутани Чеси. На нив и онака хокејот им е најбитен…

Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ