петок, 18 октомври 2024

Ќе бидат објавени снимките од последните месеци од животот на Кенеди

Објавено на

часот

Сподели

Лентите вклучуваат дебати за конфликтот во Виетнам, односите со Советскиот Сојуз и вселенската трка, планови за Демократската конвенција во 1964 и стратегијата за реизбор. На нив има и моменти со неговите деца.

Лентите, кои денес ќе ги објави Претседателската библиотека и музеј Џон Ф. Кенеди, се последните од повеќе од 260 часа состаноци и разговори што Кенеди приватно ги снимил пред атентатот на 22 ноември 1963 во Далас.

При еден разговор за договарање на распоредот, три дена пред неговото убиство, ЏФК морничаво го коментира денот на кој подоцна ќе се одржи неговиот погреб.

„Понеделник?“ прашува тој. „Уф, тоа ќе биде тежок ден“.

„Пеколен ден, господине претседател“, му одговара секретарот.

Кенеди снимките ги чувал во тајност, дури и од своите најблиски соработници. Последната ја снимил два дена пред својата смрт.

Архивистката на библиотеката Мора Портер претпоставува дека тој ги чувал снимките за мемоари или можеби се решил за нив откако армијата дала поинакво видување на разговорот со него за Заливот на свињите.

На последниот комплет снимки „фатени“ се состаноците од последните три месеци на администрацијата на Кенеди. Во разговор со политичките советници за младите гласачи, Кенеди прашува: „Што е тоа што треба да им го продадеме? Се надеваме дека треба да им продадеме напредок, но за просечниот човек напредокот е ништо. Тој не дека не напредува, но и не дека е нешто особено напреден… А луѓето што се збогатија нè мразат од дното на душата“.

Кенеди зборува за јазот помеѓу политичката машина и гласачите.

„Функционирањето тука во Вашингтон ни стана толку механичко што не ни остана многу идентитет, што овие луѓе ги загрижува“, вели тој.

На друга снимка Кенеди се интересира за спротивните извештаи што еден воен и еден дипломатски советник му ги донеле од Виетнам, прашувајќи ги: „Вие двајца бевте во иста земја?“

Портер вели дека јавноста првпат дознала за постоењето на снимките на Кенеди за време на сослушувањата за Вотергејт.

Во 1983, вработените во музејот и библиотека ЏФК почнале да ги преслушуваат снимките, освен тие што биле доверливи, и да ги објавуваат. Портер вели дека до 1993 сите снимки им станале достапни, а владините агенции одредувале што може да се пушти во јавност. Околу 30 минути од снимките биле отстранети од безбедносни причини.

Портер го надгледува преслушувањето на снимките од Белата куќа уште од 2001 и таа тврди дека има добра претстава каков човек бил ЏФК. Таа вели дека тој бил интелигентен човек со осет за односи со јавноста и многу го интересирал неговиот јавен имиџ. Но таа вели дека лентите откриваат моменти кога тој бил нервозен или му било досадно, па дури и кога пцуел.

Дури и неговите деца, Каролина и Џон Џуниор, се дел од снимките. Тие си играат пред вратата на Овалната канцеларија за време на состанокот на Кенеди со советскиот министер за надворешни работи Андреј Громико.

„Здраво, здраво“, вели Громико во моментот кога влегуваат децата, велејќи му на нивниот татко, „Тие се многу популарни во мојата земја“.

ЏФК им се обраќа на децата, зборувајќи за кучето што Никита Хрушчов му го подарил на семејството: „Неговиот шеф ви го подари Пушинка. Знаете?“

Портпаролката на библиотеката ЏФК изјави дека ќерката на починатиот претседател има преслушано поголем дел од снимките, но не токму овие.

„Тој во снимките од претседател станува татко“, вели Портер. „А тоа е навистина преубаво“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ