„Во овој период немаме проблем со протекување во Македониумот. Најголемиот проблем ни се случува во пролет и есен кога протекуваат и витражите и железната конструкција. За да се надмине овој проблем, во координација со Завод и музеј од Прилеп, а и со Министерството за култура, континуирано се работи на проект. Објектот е голем, комплексен и не може лесно да се изработи проектот за да најдеме решение кое ќе биде комлетно за да се одржува и да се реновира целиот објект, вели тој.
Тана појаснува дека во разговорите со Завод и музеј и со Министерството за култура воочиле дека ова е комплексен објект и ќе мора да се бара странска помош и за изработката и за реализацијата на проектот за сите фази.
Од прилепскиот Завод и музеј велат дека во фаза на изработка е проект за уредување на партерната целина пред споменикот и спомениците во близината.
„Во соработка со Музејот на Крушево ја санираме сета штета што настанувала од елементарните непогоди. Годинава комплетно е реконструиран подот на Македониумот, внатре е варосано и целосно е исчистено и се работи на мала санација на витражите кои, мислам дека се во фаза на проектна документација и сето тоа за брзо време ќе го завршиме и да покажеме со какво богатство располагаме“, велат оттаму.
Инаку, Македониумот беше реконструиран пред шест години, за што МКД.мк пишуваше тогаш.
Покрај за партерната целина пред споменикот Илинден, дополнува, во фаза на изработка е и проект за музеите и спомениците во близината.
„Споменикот за Тоше Проески, гробниот комплекс на Гумење. Таа парковна целина да ја уредиме. Моментално сме во реализација и мислам дека за брзо време ќе биде готов проектот. Значи, в година ќе работиме на партерното уредување на целиот тој простор“, вели Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј од Прилеп.
Споменичниот комплекс „Илинден“ е во три фази.
„Треба помош и за втората фаза. Другите делови не се оштетени како што се прангите во првиот дел. За санација е влезен и вториот дел на споменичниот комплекс“, вели Тома Тана.
Следната година Македониумот ќе одбележи 50 години од отворањето, воедно и на целиот споменичен комплекс „Илинден“, а годинава се навршуваат 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република.