Мифтари вели дека во 10 сектори на Национални шуми нема ниту еден раководител Албанец, дека во 30 регионалните единици има само тројца од ДУИ, од 1.800 вработени во ова јавно претпријатие, Албанците се застапени со помалку од 5 проценти. Заменик-директорот вели дека поради неговата националност директорот целосно го игнорира, па повеќе овластувања од него имале и вработените од пониско ниво, вели дека се сомнева оти се местат тендери и најави кривични пријави.
На ова одговори лидерката на зелената партија ЛДП, Моника Зајкова: „Никогаш во животот не сум ги делела луѓето според вера, етничка припадност, род, пол, сексуална ориентација, родов идентитет, партиска припадност итн… Во случајот не се работи за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби… туку исклучиво за партиски интереси и поени. Дали ако имаме врвен доктор Македонец не треба да работи на клиника или да ја раководи само затоа што е Македонец? Или ако имаме врвен архитект Албанец, Турчин, Ром, Бошњак, Влав... не треба да добие работно место во областа затоа што според балансерот треба да е Македонец?
До кога ќе ги делите луѓето по етничка основа, партии, проценти и балансери, место по квалитет, а притоа ќе зборувате за дискриминација?!?
Доколку кој било во ЛДП има што било против Албанците или која било друга етничка заедница немаше во своите раководни структури да има Албанци и припадници на други етнички заедници, на кои особено сум горда за придонесот кој го даваат.
Еве ако одиме на етничка дискриминација го прашувам раководството на партијата од каде доаѓа Мифтари колку Македонци и припадници на други етнички заедници имаат во раководната структура на партијата?!?
До кога ќе молчат за институциите кои ги раководат, а ќе клеветат дека немало Албанци во институција која ја раководи Македонец само затоа што нема директори на подружници од нивната партија?
До кога ќе молчат за дискриминацијата која ја трпат другите маргинализирани групи во државава? До кога ќе се делиме? Кој/кого дискриминира?!?
Играњето на етничка карта на никому не му носи ништо, а најмалку напредок во едно општество. За останатите наводи ако има докази и факти, нека ги достави до надлежните органи. Одговорноста има име и презиме и никој нема да е заштитен за злоупотреба направена врз Буџетот на државата, за кој придонесуваат единствено граѓаните“, напиша Зајкова на својот фејсбук-профил.