четврток, 26 декември 2024

Кавадаречкиот суд го одби предлогот за укинување на одлкуките за продажба на имотот на ФЕНИ

Основниот суд Кавадарци ги одби предлозите за укинување на одлуките за продажба на подвижниот имот на поранешната топилница ФЕНИ поднесени од дел од доверителите во рамките на стечајната постапка кои не се задоволни од од висината на цената за продажба на имотот, од која чекаат наплатување на своите побарувања.

Објавено на

часот

Сподели

„Беа поднесени предлози до стечајниот судија да ги укине ваквите одлуки поради ниската понудена цена, имајќи ја предвид проценетата вредност на имотот предмет на продажба. Ваквите предлози од страна на стечајниот судија се одбиени. Против решението, право на жалба имаат подносителите на предлог, во рок од осум дена од приемот на документот и од неговото објавување на огласната табла на судот“, одговорија од Основниот суд во Кавадарци за МИА.

Оттаму појаснија дека се работи за донесени одлуки на Собранието на доверители одржано на 21 октомври, во отворената стечајна постапка над должникот Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги Еуроникел индустри ДОО село Возарци, поранешниот комбинат за фероникел ФЕНИ. Со одлуките, беа усвоени понудите на понудувач, за продажба на имот на стечајниот должник влезен во стечајна маса.

Предлози за укинување на одлуките доставија доверители кои имаат утврдени побарувања по однос на обврски за извршен превоз, транспортерите и уште еден доверител кој има признато побарување, а кои не ги гласале одлуките на Собранието.

Претходно, на седницата одржана во рамки на отворената стечајна постапка над должникот во стечај, присуствуваа доверители со утврдени и признати побарувања во износ од 58,4 проценти.

На дневен ред беа неколку точки, за продажба на имот од стечајната маса, меѓу кои и резервни делови, разна руда од Брег на Слонова коска, Албанија, Гватемала, цврсти горива како лигнит од Индонезија, Колубара, камен јаглен од Русија. За некои од пакетите за продажба, немаше заинтересирани за понудите. Беше спроведена и електронска аукција. Беше прифатена понуда за купување на инвентар и лабораторија со проценета вредност од 14.143.567 денари, а со понуда во износ од 8.305.200 денари или 58,7 отсто од проценетата вредност. Прифатена беше и понудата за продажба на магацински простор со проценета вредност од 43.492.742 денари, а со понуда во износ од 13.534.400 денари или 31,11 отсто од проценетата вредност.

На седницата беа прифатени и понудите за продажба на магацински простор со резервни делови,со проценета вредност од 371.852.869,00 денари а со понуда во износ од 75.669.600,00 денари или 20,34 проценти од проценетата вредност, како и таа за разна руда со проценета вредност од 16.513.455,00 денари а со понуда во износ од 11.300.000,00 денари или 68,42 проценти од проценетата вредност и таа за цврсти горива со проценета вредност од 11.484.450,00 денари, а со понуда во износ од 7.900.000,00 денари или 68,78 отсто од проценетата вредност.

Седницата ја следеа и доверители што имаат свои утврдени побарувања, меѓу кои и транспортерите на руда.

На два пати досега, транспортери кои своевремено возеа руда за комбинатот, протестираа барајќи над два милиона евра за транспортот и изразувајќи незадоволство што, како што рекоа, имот проценет за над десет милиони евра, се огласил за продажба за околу 2.3 милиона евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ