петок, 1 ноември 2024

Кавадарчани денеска се потпишуваат против отворање на центар за третман на отпадна гума 

Во Кавадарци денеска започна собирање потписи против отворање на регионален центар за собирање и третман на отпадна гума.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Всушност, собирањето на потписи е против нова Г-1 индустрија во општина Кавадарци. Потписите се собираат на градскиот плоштад во Кавадарци, рекоа незадоволните кавадарчани, кои на вчерашната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина, во голем број, порачаа дека не сакаат регионален центар за собирање и третман на отпадна гума. Тие, како што истакнаа,  се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот.

Министерството за животна средина информираше дека инвеститорот доставил Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, за која општината дала позитивно мислење.

Претставниците што учествувале во изработката на студијата, рекоа дека со ова се решава голем проблем со отпадната гума во државата. Според нив станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија, а Кавадарци бил избран бидејќи е во централна Македонија и со идеална местоположба.

Советникот во Советот на Општина Кавадарци, Вуко Мелов, кој е и координатор на советничка група на СДСМ, рече дека стравот кај населението е оправдан поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на лицата со канцер во регионот.

„Покрај досегашната загадувачка индустрија не ни е потребен уште еден објект во Г-1 зона“, нагласи Мелов.

Од Левица кажаа дека тие како партија, секогаш во прв план го ставаат доброто на народот, наспроти, како што соопштија,  капиталот и богатењето на поединци на сметка на здравјето на граѓаните.

„Планирано е годишно да се обработуваат повеќе од 12 илјади тони отпадна гума. Парцелата се наоѓа веднаш до регионалниот пат, во кругот на индустрискиот комбинат ФЕНИ, сопственост на поранешната претседателка на Совет на Општина Кавадарци од редовите на ДПМНЕ, Горица Пеливанова Вилхелм. Бројката со која Македонија учествува во создавањето на отпад од гума е минорна. За капацитетот што се планира да може да биде одржлив, следно ќе биде да се увезуваат отпадни гуми од други држави. Очигледно е дека по искорисутвање на достапната гума во Македонија, инвеститорот ќе почне со увоз на отпадна гума од странство“, рекоа од Левица.

Истакнаа дека чистиот воздух и здравата животна средина се основно човеково право, а не луксуз.

„Анализирајќи ја изготвената студија за оценка на влијанието на животната средина, чијшто нарачател е самата компанија, она што е евидентно е ставањето лажен акцент на огромниот потенцијал за социо-економски развој на општината, вработување на локално и население од регионот, како и намалување на економската миграција на населението, со што инвеститорот на еден утописки начин вешто се обидел да ги скрие негативните последици по здравјето на граѓаните и животната средина“, реагираа од Левица.

Притоа упатија апел до сите учесници на јавната расправа, без разлика на политичкото убедување, да го кренат својот глас против отварање на индустрија од ваков животозагрозувачки тип во општината.

„Како што собираме пари за лекување болни, ќе собираме и за газдите на локацијата од Кавадарци што ја издаваат за овој проект, ќе им даваме ние наместо да земаат од кирија за овој проект“, рече Орданче Бошковски, како претставник на порталот Реално Кавадарци, портал што објави анкета за овој проект.

Поради големо незадоволство, јавната расправа вчера беше прекината.

Претставниците на Министерството рекоа дека дополнително ќе се утврди како понатаму ќе се постапува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ