Традиционално, во Македонија централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква Пресвето Срце Исусово во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.
„Драги браќа и сестри! ‘И Словото стана тело и се всели меѓу нас’ тоа се зборови на свети Иван евангелист, што толку често ги изговараме во молитвата Ангел Господов. Станува збор за божественото Слово, Логосот, Синот Божји, кој е единосуштен со Отецот и кој е поврзан со Него во единството на Светиот Дух. Ова Слово, кое е од векови и според кое е создадено сè што живее и постои, се воплоти и се всели меѓу нас. Бог ја зеде човечката природа и стана еден од нас за да биде близу до нас и да не поврзе уште поблиску до себе, откако по наша вина се оддалечивме од Него. Бесмртниот Бог ја зеде човечката природа, зеде лик на слуга, за да нè направи негови синови и ќерки, кои бевме слуги на гревот и поради кои бевме предадени на смртта. Во Единиот Божји Син, кој стана човек, станавме и ние чеда Божји“, кажа Стојанов на полноќната божиќна литургија.
Честитки по повод празникот упати државниот врв.
Спокојот и вербата што ги носат празничните денови го насочуваат вниманието кон вистинските вредности, почитта, љубовта, разбирањето, трпението, грижата едни за други, на што посочува и христовото дело. Но, тие се поттик и за совеста и за духовната сила, за одговорноста на секого поединечно, во изградбата на општество на среќни луѓе, кои мотивирано придонесуваат во напредокот, пишува премиерот Димитар Ковачевски во честитката.
Во годината што е пред нас, нагласува премиерот, има потреба повторно цврсто да се сплотиме околу приоритетите. А тоа денес, вели, е целта да осигураме заедничка перспективна иднина, за сегашните и идните генерации, во својата родна земја.
„Убеден сум дека како и досега, заедно ќе успееме и во овој наш заеднички предизвик. По примерот на Христос, да правиме добри дела, што се светол патоказ за нашите деца, но и за следните генерации. Пожелувам божиќните и новогодишните празници да ги поминете во мир и радост, меѓу своите сакани. Христос се роди! Среќен Божик!“, напиша премиерот Димитар Ковачевски во честитката по повод Божик.
Оваа година, беше тешка година, со сите тажни вести кои ни доаѓаа од сите страни и сите имаме потреба од зрак на надеж и зрак на позитивизам во нашето секојдневие и во нашите животи, напиша претседателот на Собранието, Талат Џафери во честитката по повод католичкиот Божик.
Радоста што ја носи Божиќниот празник, посочува Џафери, неговата моќ на сплотување на семејствата, на соседите, пријателите и соработниците во животот е уште една прилика за сите нас да дозволиме да излезе од нас најдоброто, хуманото и благородното.
„Можеби сами сме премногу неважни и слаби за да направиме некакво значајно влијание меѓутоа, заедно сме посилни од сѐ! Затоа, да споделуваме убави зборови на надеж и верба во подобро утре, дури и кога се чини дека тоа е безнадежно. Понекогаш е доволен и само еден збор, само една насмевка и подадена рака за поддршка и емпатија. Доволно е да се всади чувство на грижа, совесност, солидарност кон другите почнувајќи од нашите семејства, па во општеството. Почитувани граѓани, дозволете уште еднаш да Ви го честитам празникот и да Ви посакам празничните денови да ги поминете во мир и спокој во душата, во добро здравје и семејна благосостојба“, напиша Џафери во честитката.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера упати честитка до Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, и до сите католички верници кои го прославуваат Христовото раѓање – Божиќ.
Божиќ како еден од најголемите и најсветлите христијански празници, посочува претседателот, „ни носи верба и надеж исполнувајќи ги нашите домови со топлина, а нашите срца со љубов“.
„Токму на денот на Христовото раѓање да ја покажеме нашата добродетел и да бидеме солидарни и грижливи за нашите блиски. Да си даруваме љубов и внимание и да се почитуваме и помагаме. Само сплотени и со длабока меѓусебна почит и заедништво ќе постигнеме просперитет и напредок на македонското општество. Христос се роди. Нека ни е честит Божиќ!“, пишува во честитката на претседателот Пендаровски.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.