Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Каби во интервју за Фајненшл тајмс објавено денеска изјави дека доколку некоја земја од ЕУ изрече казни за непочитување на прописите во обемот што се споменува во директивата за корпоративна длабинска анализа, Доха ќе престане да ги снабдува со течен природен гас.
Директивата, одобрена оваа година, бара од големите компании што работат во ЕУ да проверат дали нивните добавувачи користат принудна работа или предизвикуваат штета на животната средина и да преземат мерки против нив.
Казните би изнесувале до пет отсто од глобалниот промет.
„Ако би изгубил пет отсто од мојот приход со одење во Европа, нема да одам во Европа. Не блефирам“, изјави Каби за ФТ, додавајќи дека „пет отсто од приходите на Катар енерџи значат пет отсто од остварениот приход на државата Катар“.
Тој додаде дека тоа се пари на народот и дека никој нема да прифати да ги загуби.
Каби, извршен директор на државната нафтена компанија Катар енерџи, рече дека ЕУ треба темелно да ја разгледа споменатата директива.
Директивата е дел од пошироката група барања за усогласување на компаниите со амбициозната цел на ЕУ за постигнување нулта емисија на јаглерод до 2050 година. Но многу компании се побунија, и внатре и надвор од ЕУ, жалејќи се дека правилата се премногу строги и ги ставаат во неповолна положба.