сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Касами: Уставните измени се дел од програма со која влегуваме во идната влада

По изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека засега немаат добиено услови за заедничко коалицирање во идната влада, Биљал Касами, лидер на Беса, дел од Вреди, на новинарите им нагласи дека е логично дел од својата програма да внесат во идната Влада и дека во програмата е и спроведувањето на уставни измени. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Тараварии вели дека има има притисоци врз гласачите од страна на ДУИ преку полицијата па дури и преку верски заедници.

 

Објавено на

часот

Сподели

Имаме програма која ќе биде дел од идната владина програма и во неа се состојат уставните измени, нагласи Касами, кој е и градоначалник на Тетово и носител на листата со кандидати од коалицијата Вреди за Изборната единица 6. На директното прашање за изјавата на Мицкоски, тој вели:

„Ние сега не разбираме што значи тоа. Ако некои други, во овој случај ДУИ, праќаат емисари до Мицкоски за безусловно да влезат во идната влада, како што впрочем влегуваа и во досегашните влади, за нас тоа е непоимливо. Во делот на таа наша програма се и уставните измени, интегрирањето во ЕУ и сè што е во делот на подобрување на животот на нашите граѓани и унапредување на државата во процесот на евроинтегрирањето“, рече Касами.

Арбен Таравари од Алијанса за Албанците се осврна на притисоците кои биле спроведувани врз граѓаните во првиот круг на гласање за претседател и оние кои ги правеле, бидејќи како што нагласи, ќе се бара нивна одговорност.

 

„Има огромни притисоци од претставници на јавни институции, посебно од полиција. Во селото Чегране веќе и снимени. Има и луѓе во Исламската верска заедница во Гостивар кои се организирани како штаб којшто работи за ДУИ, што е претерано“, рече Таравари.

Тој посочи дека тие претставници на јавни институции да бидат внимателни, бидејќи како што рече, по 8 мај ќе треба да се одговара.

Касами, заедно со колегата градоначалник и кандидат за претседател во првиот круг Арбен Таравари им се придружија на настан што го организираа партиските подмладоци на гостиварскиот плоштад. Во разговорите со младите, Таравари и Касами им пренесоа дел од партиските програми во кои како што рекоа им е посветено значителен простор и чија цел е да се задржат во земјава.

„Дел од проектите кои се со посебна важност за младината, се вложување во подобра спортска и образовна инфраструктура. Поддршка на младите до 30 години за отворање на нови бизниси и посебна економска зона која ќе ги поддржи посебно младите со посебни фискални субвенции“, рече Касами.

Според Таравари, градоначалниците и идните пратеници треба да бидат отворени кон младите да зборуваат почесто со нив.

„Како во Гостивар, така и во Тетово сме покажале дека сме отворени за младите посебно со младинските центри, меѓутоа и со раководење на институции и така ќе биде и во идната влада. Значи, ќе им дадеме доста простор на подмладокот, на младите луѓе да раководат со институции. Промената набргу ќе дојде и подобра гаранција отколку Вреди за идната влада дека ќе биде проевропска влада нема“, подвлече Таравари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ