Турнирот имаше изборен карактер за влез во македонската сениорска репрезентација. Натпреварувањето се одвиваше по бергер-систем. Сите освојувачи на медали во тежинските категории од државното првенство имаа борби секој со секого.
– Државното првенство и плејоф-турнирот се најстресните два натпревари за сите спортисти, тренери и клубови. За нас најважно е што ги потврдивме и задржавме првите места што ги остваривме на државното сениорско првенство минатата недела. Задоволни сме од постигнатото во овој изборен циклус. Како најдобар спортски колектив повторно докажавме дека сме најуспешни, но и дека имаме ресурси и за поголеми резултати. Сите наши спортисти имаа професионален пристап и покажаа и постигнаа добри резултати – истакна тренерот на „Макпетрол“.
Претстојното Европско сениорско првенство во карате ќе се одржи во Задар, Хрватска, во втората недела од мај. Репрезентативен статус обезбедија првопласираните пет спортисти на „Макпетрол“: Симона Заборска (-55 кг.), Ангела Мојсовска (-68 кг.), Петар Заборски (-75 кг.), Петар Спасеновски (-84 кг.) и Данило Божовиќ (+84 кг.)
Второпласирани, пак, од „Макпетрол“ беа следните каратисти: Давид Петков (-67 кг.), Витомир Трајковски (-84 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Стефан Стојановиќ (+84 кг.). На третата позиција се пласираа: Јована Мицовска (-61 кг.) и Димитар Лозановски (-67 кг.)