сабота, 27 јули 2024
Партиска дебата

Капиталните инвестиции се во нашиот фокус, рече потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ

Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешната програмска дебата насловена „Патоказ кон иднината – Зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ наречена Платформа 1198 посочи дека фокусот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочен капитални инвестиции, кон политиката на ниски и рамни даноци, силна борба против сивата економија и намалување на стапката на невработеност на 7.5%.

Објавено на

часот

Сподели

„Морам да кажам дека за економскиот тим беше голем предизвик да се направат проекциите за буџетот 2024-2028 година имајќи предвид дека владата на СДСМ и ДУИ ќе остави пустош во буџетот и речиси банкротиран буџет. Но сепак знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ навистина има квалитетни економисти се потрудивме да извлече она што е најдобро. Најголемиот фокус ќе ни биде кон капиталните инвестиции, кон поддршка на инвестиции за приватниот сектор особено за производните компании и компаниите кои што извезуваат и понатаму остануваме на ставот за привлекување на странски директни инвестиции и нашата цел е до 2028 година да имате стапка на раст на бруто домашниот производ од 5%. Нашиот фокус се сведува кон инвестициите, а не кон потрошувачката како што беше до сега. Прво што планиравме како ВМРО-ДПМНЕ е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра, значи станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образование, во здравство, проекти кои ќе имаат вистинска додаден вредност. Исто така остануваме и на политика за ниски и рамни даноци, затоа што сметаме дека тие создаваат фер услови за приватниот сектор. Исто така најавуваме и силна борба со сивата економија. Она што е клучно е што ВМРО-ДПМНЕ во следниот период проектира и планира до 2028 година да креира нови 55 илјади работни места односно стапката на невработеност да се спушти на 7.5%“, посочи Димитриеска Кочоска.

Елена Петрова дополнителниот заменик министер за финансии кажа дека во следниот период клучна улога ќе има УЈП за која што ВМРО-ДПМНЕ има сет на мерки за УЈП реформа која ќе се протега во 4 столба, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација.

„Програмата содржи над илјада мерки и проекти за подобрување на македонската економија и македонското општество. Она што е основно потребно за да можеме да ги реализираме мерките и проектите е да имаме стабилни јавни финансии а за обезбедување на тој финансиски потенцијал и капацитет во следниот период клучна улога ќе има УЈП. Затоа во нашата програма имаме еден цел дел за УЈП именуван како ефикасна праведна и дигитализирана даночна администрација. Имаме испумпување на пари од буџетот заради злоупотреби на поврат на ДДВ, за што УЈП не покажа капацитет да ги детектира и да ги спречи однапред ваквите појави. Од друга страна компаниите кои работат чесно не навремено го добиваат својот поврат и тоа има одраз врз нивната ликвидност. Затоа ние смисливме сет на мерки за УЈП именувани како 4 Д реформа на УЈП, реформа која ќе се протега во 4 столбови, даночни обврзници, даночни приходи, даночна администрација и дигитализација“ кажа Петрова.

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Маја Кадиевска Војновиќ во своето обраќање рече дека ВМРО-ДПМНЕ го слушна бизнис секторот и барањата ги преточи во новата програма на Платформа 1198, бидејќи како што рече приватниот сектор е стожарот на македонската економија бидејќи го полни државниот буџет и вработува најголем дел од населението.

„Важна е нашата визија, бидејќи гледаме дека нашата конкуренција е безидејна и ја донесе Македонија во пропаст. Можам да кажам дека за прв пат во оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ и воопшто на било која политичка партија, го слушнавме бизнис секторот. И може ќе прашате зошто бизнис секторот, а не граѓаните. Но, бизнис секторот односно приватниот сектор создаваат над 90 проценти од додадената вредност во економијата и вработуваат најголем дел од населението или над 70 проценти се вработени во приватниот сектор. Приватниот сектор е стожарот на македонската економија кој што го полни Буџетот. И затоа ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период дава сериозна поддршка за развој, за зголемување на конкурентноста за подобрување на усовршувањето, дигитализацијата на претпријатијата и за иновации“, децидна е Кадиевска Војновиќ.

Кадиевска Војновиќ истакна дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот.

Во делот на компаниите за прв пат како политичка партија ги таргетираме сите компании, од почетниот стадиум на развој, како што се стар- апите, па се до позрелите компании како што се извозно ориентирани капацитети. Потоа микро малите и средни претпријатија кои што се најбројни и кои што исто така вработуваат најголем дел од вработеноста, додаде таа и порача:

„Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе креира 10 годишна нова стратегија за привлекување на гринфилд и браунфилд инвестиции и ќе направи реформа во системот на поддршка на странските инвестиции и на извозот, значи и за домашните компании. Реформа која што ќе опфати спојување на повеќе рашткани агенции во моментот на едно место. Значи не ни треба голема бирократија за една работа. Ни требаат квалитетни луѓе и квалитетни програми“.

Сања Божиновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на тема „Патоказ кон иднината – Зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“ при презентација на програмата „Платформа #1198“ изјави дека иако моментално во министерството за економија постои сектор енергетика, не е функционален, нема изградени нови енергетски капацитети и затоа, нагласи таа, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено формирање на ново министерство за енергетика и минерални суровини со истакнати кадри и носители на стратешките проекти.

„Ова министерство ќе соработува со најголемата компанија ЕСМ. Понатаму ВМРО-ДПМНЕ планира да ја намали зависноста од увоз на електрична енергија, Македонија мора сама да изгради енергетски капацитети за да имаме континуирано и одржливо производство на електрична енергија. Планираме модернизација на РЕК Битола, како и изградба на две когенеративни централи за гас, што значи во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а предвидена е и гасификација. Од обновливите извори има план за изградба на ветерни паркови“, потенцираше Божиновска.

Елена Маркова истакна дека во изминатите години, ВМРО-ДПМНЕ интензивно работеше за да изготви програма за развој на енергетиката која што ќе значи развиена енергетика која после тоа ќе повлече и развиена економија на државата, посочувајќи дека првата работа на која што ВМРО-ДПМНЕ детално ќе посвети внимание е јакнење на енергетскиот сектор, посебно на компаниите во државна сопственост.

„Се обврзуваме дека прво што ќе направиме ќе ја укинеме онаа давачка од 200 денари за пристап на мрежа, која што е незаконска и е воведена од власта во заминување, на почетокот од оваа година. Верувам дека со ова значително ќе се подобри домашниот буџет на секое домаќинство. Се обврзуваме дека ќе изградиме државни енергетски капацитети за производство на електрична енергија. Втора многу важна работа, се обврзуваме дека ќе ја модернизираме РЕК Битола, кој што е постоен капацитет и кој што во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор криминални тендери. Нашата цел е РЕК Битола и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Исто така, планираме отворање на рудникот Живојно со вел, додека е технолошкиот векот на траење на оваа постројка, да може да користиме наш домашен јаглен, кој што е со извонреден квалитет, со оглед на техничките перформанси на постројката. Се обврзуваме да го модернизираме и ТЕЦ Осломеј за што, уште во првите сто дена ќе одлучиме на кој начин, дали ќе премине како постројка на гас, дали ќе работи на домашниот јаглен или пак ќе работи на увозен јаглен“, истакна Маркова која додаде дека одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ветува 1.198 реални проекти, а не како Владата на СДС и ДУИ само да лаже. Според него тоа беше Влада на лаги, Влада која не направи ни еден километар автопат, а ветуваше илјада километри автопат.

„Јас на почеток уште реков дека ова ќе биде ЌЕ влада и таква се покажа. За седум години немаат еден километар автопат, се мачат со патот на потегот Скопје – Блаце, а тој е само два километри. Потрошија 300 милиони евра за автопати, а нема ништо. Нивната програма пак ќе биде лажење, а нашата се 1.198 проекти кои се реалност. Ние секоја година ќе инвестираме 250 милиони евра или за 4 години милијарда за општините. Тоа се пари за училишта, градинки, улици, паркови. ВМРО-ДПМНЕ е бренд за проекти. Мора да работиме и да кажеме дека Европа се носи дома со правење улици, со достапност на вода за сите и многу други работи за граѓаните. Сплотени ќе направиме историја. Можеме со работа да стигнеме во Европа, а не како овие со лажење и крадење“, кажа Мисајловски.

„Ќе го завршиме и Скопје – Блаце, два километри кои што единствено ги почнаа и седум години не го направија автопатот. Ќе го направиме и автопатот од Кичево – Букојчани, бидејќи е предвидено да има автопат Гостивар – Букојчани, и би сакале да го поврземе тој регион до Охрид. Ќе инвестираме многу и во Пелагонискиот дел на Македонија, таму каде што со години и со децении досега можам да кажам дека е прилично запоставено“, вети Синиша Ивановски, претседател на Комисија на ВМРО-ДПМНЕ за инфраструктура, урбанизам и транспорт.

Ивановски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе започне со еден друг пристап. ВМРО-ДПМНЕ нема да ветува бројки, туку ќе започне домаќински, прво да се заврши она што го започна, а го започна Кичево – Охрид. И ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши тој автопат, нагласи, наведувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се обврза рокот да биде крајот 2026 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ