понеделник, 15 април 2024

Капитални инвестиции во спортот за нови спортски успеси, согласни се спортските работници

Капитални инвестиции, реконструкција и одржување на постоечките спортски објекти низ државата, поголем акцент на училишниот спорт, зголемување на родовата еднаквост и адаптација на спортски терени за пристап на лицата со попреченост се дел од клучните препораки од панел дискусијата на тема „Инвестиции во спортот за нови спортски успеси“.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната панел-дискусија во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС) директорот на АМС, Наумче Мојсовски, кажа дека буџетот на Агенцијата за капиталните инвестиции од 20 милиони во 2015 година се зголемил на 310 милиони денари во 2023 година. Средства, со кои, како што рече, директно се помагаат нови објекти, како и реновирање на стари.

„Можеме да се пофалиме со култната сала Партизан која ја пуштивме во употреба пред некој месец. Направени се повеќенаменски игралишта, во Демир Капија, Крива Паланка, Чучер Сандево и сите останати. Фитнес зони кои се веќе поставени, во завршна фаза се и нови проекти кои ни следат во атлетиката и стадионите“, сподели тој,

Мојсовски зборуваше за повеќе проекти на Агенцијата при што кажа дека веќе има 30 спортисти кои до крајот на животот ќе имаат стипендија. Тој рече дека големи инвестиции даваат и преку сметката од игри на среќа, до 3 проценти данок на кладилниците, сметка, која, како што посочи, многу им помага на федерациите.

Според претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, процесот на европски интеграции е поврзан со секој аспект, вклучително и спортот.

„Основна е спортската инфраструктура, финансиската поддршка и инвестирањето во капитални објекти, спортски сали, базени. Она што го правиме е одлично. Она што ни е потребно е комплетна реконструкција на сите стадиони во големите градови во државата, фудбалски стадиони, бидејќи со таа фудбалска инфраструктура, тешко да се постигнат врвни резултати“, рече тој.

Ковачевски зборуваше за повеќе инвестиции што ги има направено Владата во спортот, и посочи дека она во што сме успешни, а недоволно свесни, е атлетиката. Тој потенцираше дека Скопје мора да добие атлетски стадион.

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војневска, рече дека донаторскиот систем од страна на Владата значително го подобрил функционирањето на федерациите и клубовите.

„Сите компоненти што се важни за функционирање на една федерација е покриено од АМС.  Значително се подобри со ваучерскиот систем, во поново време со донацијата од страна на Владата.  Сите пари кои што се внесени во спортот се во насока да го подигнат нивото на спортот“, рече таа.

Во однос на родовата еднаквост во спортот, Војневска сподели дека е горда што како федерација се пример за останатите држави како држава во која жена раководи со институција која бележи напредок.

Според неа, процесот на жената во спортот е процес кој што трае, а квотите во раководните позиции во спортот, смета дека треба да се воведат дополнително.

Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, на настанот зборуваше за Закон за антидопинг.

„Измените и дополнувањата на Законот за спорт, Закон за борба со допинг и негово спречување, закон кој прв пат се носи во Македонија, е во согласност со европското законодавство, за да можат нашите федерации да имаат меѓународно учество“, сподели таа.

Панче Милески, советник за спорт во Владата, зборуваше за она што е потребно да се вметне во идните владини програми со цел инвестирање во спортот.

„Несомнено е дека Македонија има млади таленти, но за да се остварат, неопходно е правилно вложување во истите. Во идната владина програма неопходни се капитални инвестиции, изградба на затворено и отворено лизгалиште каде ќе се опфатат повеќе олимписки спортови, хокеј, карлинг, уметнички лизгање, со што ќе се отворат нови предмети на Факултетот за физичка култура и повеќе кадар“, рече тој.

Милески посочи дека е потребна и изградба на адреналински парк на Водно, мото стаза по светски стандарди, атлетски и тениски центар, реконструкција на атлетските стази како и на двата отворени базени на Кале.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ