сабота, 27 јули 2024

Капак на моторот на авион на Боинг се откачил при полетување во Денвер (ВИДЕО)

Капак на моторот на Боинг 737-800 во сопственост на Саутвест ерлајнс се откачил за време на полетувањето во Денвер во неделата и удрил во крилото, поради што американската Федерална управа за авијација (ФАА) отвори истрага.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Никој не бил повреден, а летот 3695 безбедно се вратил на аеродромот во Денвер околу 08:15 часот по локално време во неделата, а авионот бил одвлечен.

Авионот Боинг со 135 патници и шест членови на екипажот се искачил на височина од околу 3.140 метри и се вратил 25 минути по полетувањето кон Хјустон. Патниците пристигнале во Хјустон со друг авион на Саутвест ерлајнс со околу четири часа задоцнување. Саутвест ерлајнс рече дека тимовите за одржување го проверуваат авионот.

Авионот стапил во употреба во јуни 2015 година, според записите на ФАА. Боинг ги пренасочи сите прашања до Саутвест ерлајнс. Авионот припаѓа на постарата генерација на најпродаваниот тип 737, познат и како 737 НГ, кој подоцна беше заменет со моделот 737 Макс. Саутвест ерлајнс одби да каже кога моторот на авионот последен пат бил сервисиран.

Еј-би-си њуз објави видео поставено на платформата за социјални медиуми Икс на кое се гледа како се откинува капакот со лого на авиокомпанија и се вее на ветрот.

Боинг беше мета на интензивни критики откако вратата на новиот авион 737 Макс 9 на Аласка ерлајнс одлета на речиси 5.000 метри надморска височина на 5 јануари.

ФАА потоа ја приземји флотата Макс 9 на неколку недели, забранувајќи му на Боинг да го зголемува производството на моделот Макс и му нареди да развие сеопфатен план за решавање на „системски потешкотии со контрола на квалитетот“ во рок од 90 дена.

ФАА истражува неколку други неодамнешни инциденти поврзани со моторите на авионите Боинг во сопственост на Саутвест ерлајнс.

Авионот 737-800 на Саутвест го прекина полетувањето во четвртокот и беше одвлечен назад до аеродромот во Лубок, Тексас, откако екипажот доживеа проблеми со моторот.

ФАА го истражува летот и на Саутвест ерлајнс 737 кој се врати во Остин, Тексас, на 25 март откако екипажот пријави можен дефект на моторот.

Авионот 737-800 на Саутвест ерлајнс се врати на аеродромот Форт Лодердејл на 22 март откако екипажот забележал проблеми со моторот, што ФАА исто така го истражува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ