Младата кочанчанка, Ивона Тодорова, на социјалните мрежи се искажува токму за осквернавената болка од загубата на својата генерација во пожарот на дискотеката „Пулс“, од оние што ја „киднапираат“ за политички поени.
„Не изгореа само жртвите во ’Пулс’ , изгоревме цела генерација млади, изгоре моето Кочани, ни изгореа душите. Како да го опишам гневот, кога солзите не можат да го изгаснат пожарот?
Јас сум генерација 2004. Генерација на соништа, надежи, младост која штотуку почна да го дише животот. Но, мојата генерација повеќе ја нема. Моите школски другари, децата со кои пораснав, со кои делевме сендвичи на големите одмори, со кои се смеевме за глупости, исчезнаа во пламенот. Нивните гласови последно ја испееја ‘Ако утре ме нема’, а сега се само ехо во пепелта. Отидоа на диско за да се опуштат од испитна сесија, од напорите што ги вложуваа за соништата кои требаше да ги остварат во иднина, за да ја видат симпатијата надевајќи се дека утре ќе ги викне на пијачка... И сега?
И додека мајки со растреперени раце ме бараа, надевајќи се дека ќе им кажам дека нивното дете е живо, додека телефонот ми ѕвонеше со очајнички крици, во истиот момент, мојот екран се полнеше со нотификации. Нотификации од партиски ботови, од бездушници што не знаат да оддадат почит, туку пробуваат да собираат политички поени на мртвите тела на моите другари. Кога ги баравме нашите и кога размислувавме каде во моето мало Кочани ќе погребаме 100 деца тие си организираа протести. Кога мајките плачеа, тие броеја политички поени. Кога мртвите тела уште гореа, тие зборуваа за партии.
Бездушниве не размислуваа дека полицијата треба да помага за транспорт на мојата изгорена генерација, себично сакаа да ги штити протестите кои се обидуваат да ги оргазнизираат, но нема да ве поштеди Бог! Тие што мислат дека можат да ја зграпчат оваа трагедија како политички капитал, тие што не знаат што значи почит и жал, тие што ја газат пепелта на нашата генерација со валкани јазици нема да ви биде простено. Си ставила црвено карминче и излегла на прес да зборува за моите другари кои сега се пепел. Ќе ве суди Господ!
А ние? Ќе жалиме, ќе плачеме, ќе ја носиме оваа болка засекогаш. Ќе оставаме свеќи, ќе ги паметиме нашите и сите идни успеси кои ќе го променат трулиов систем ќе им го посветиме на нив. И ќе чекаме правда која на оној свет секако ќе ги стигне, ама ќе се погрижиме да ја добијат и на овој“, пишува Ивона Тодорова.
Во деновите на жалост, студентската организација организира тн. заеднички час во кампусот на факултетите при УКИМ, за да се изрази заеднички, обединето болката за загубените врсници во дискотеката во Кочани. На првиот собир, во понеделникот, на 17 март, на платото пред УКИМ беа собрани можеби 5000 млади луѓе, студенти и средношколци, но и нивните професори, како и претставници од образовните институции. Во еден миг, изразувањето почит беше под ризик да се претвори во протест. Во текот на денот, по завршувањето на собирот одредени студентски организации пратија соопштенија за наводно „киднапирање“ на собирот од политичар(к)ите ( ректорката на УКИМ и министерката за образование), кои само се обидоа во своето обраќање да ја споделат тагата, без никаква политичка конотација. Подоцна, студентската организација која го организираше собирот се извинуваше што дозволила да се обратат претставничките на образовните инстититуции, но и професорки на факултетите при УКИМ. Вртлогот на политизацијата на студентите продолжи со изгласувањето недоверба на студентите од Филозофскиот факултет на делегатите на УСС УКИМ.
Голем е ризикот, повиците за протести против причините кои доведоа до трагедијата во Кочани, барањето правда за жртвите на пламенот во дискотеката, искажани во несоодветно време да се претворат во опачината на добрите намери. Обвинувањата за киднапирање и политизација од страна на претставниците на институциите, на собирите на студентите каде се оддава почит на жртвите во Кочани (во организација на студентската организација), може многу лесно да ги стави под сомнеж за политизираност токму тие што протестираат во мигови кога се изразува сочувство. Колку и да се млади и гневни на причините за трагедијата, оние што бараат правда потребно е да имаат процена и почит на ситуацијата, за да не бидат обвинети дека самите се неправедни и без почит за туѓата тага.
„Дури родителите си ги бараат децата по болници, дури си ги бараме и жалиме другарите и другарките – не е време за протести. Не е време за блокирање улици, амбулантни возила кружат низ градот нонстоп. Медицинскиот и службениот персонал е потребен за болници, а не на улица. Користете го здравиот разум во моментов. Колку и да го немаме, мора правилно да постапиме. Се уште имаме блиски кои се борат за живот по болници. Оддадете почит во црква со свеќа. Време за протести – има, но не сега“, порача некој на социјалните мрежи вчера, по протест во Кочани, кога од безнадежен револт беа демолирани објекти и возила на лица кои се сметаат за одговорни за несреќата.
Болката и тагата за трагедијата во Кочани не треба да се претвори во занемен крик за правда и праведност, но секој (дури и несвесен) чекор во виорот на политизацијата е сквернавење на жртвите и злоупотреба на болката на преживеаните што се борат со повредите.
Ј.П.