сабота, 18 јануари 2025

Кандидатот за канцелар на Германија: Мандатот на Трамп може да ги обедини Европејците

Кандидатот за канцелар на Германија и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на претстојните избори, Фридрих Мерц, по средбата на лидерите на Европската народна партија во саботата во Берлин, побара заедничка акција на Европската Унија кога се во прашање потезите на идниот претседател на САД, Доналд Трамп.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Сѐ додека членките на Европската Унија се обединети, тие уживаат почит низ целиот свет, вклучително и во САД. А сѐ додека се поделени, никој нема да не сфати сериозно“, изјави Фридрих Мерц по дводневната средба на лидерите на Европската народна партија (ЕПП) во Берлин.

Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат за канцелар на Унијата ЦДУ/ЦСУ на претстојните германски парламентарни избори изјави дека ова е „последниот повик за акција“.

„Инаугурацијата на Доналд Трамп во понеделник ќе ги забрза нашите напори да ги концентрираме силите и да дејствуваме заедно“, рече Мерц.

Тој тврди дека идниот американски претседател е „предвидлив“ затоа што „го прави она што го кажува и го мисли она што го кажува“.

Кога станува збор за зголемување на буџетот за одбрана, што Трамп веќе го наведе како еден од условите за членство во НАТО, Мерц се залагаше за зголемување на буџетот, но не без претходен договор за тоа како ќе се инвестираат овие средства.

„Ние во Европската народна партија (ЕПП) се согласуваме дека мора да се направи многу повеќе во однос на зголемувањето на буџетот и тоа мора да се направи заеднички“, рече Мерц. Истовремено, тој додаде дека е неопходно усогласување на стандардите во рамките на ЕУ кога се работи за опрема или муниција.

Претседателот на ЕПП Манфред Вебер изрази оптимизам во врска со претстојниот мандат на Доналд Трамп.

„Искуствата од последните години покажаа дека ние Европејците сме доволно мудри да се соочиме со предизвиците“, рече Вебер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ