среда, 26 март 2025

Канадскиот премиер распиша избори: Се соочуваме со најголемата криза во нашите животи поради неоправданите потези на Трамп

Новиот канадски премиер Марк Карни распиша предвремени избори за 28 април, велејќи дека му е потребен силен мандат за да се соочи со заканата за економската стабилност на Канада од царините на американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако следните избори беа закажани за 20 октомври, Карни се надева дека ќе го искористи изненадувачкиот напредок што Либералната партија го има од јануари, кога Трамп почна да ѝ се заканува на Канада, а поранешниот премиер Џастин Трудо најави оставка, пренесува Ројтерс.

„Се соочуваме со најголемата криза во нашите животи поради неоправданите трговски потези на претседателот Трамп и неговите закани за нашиот суверенитет“, рече Карни.

„Мораме уште многу да направиме за да ја обезбедиме Канада. Да инвестираме во Канада, да ја изградиме Канада, да ја обединиме Канада. Затоа барам силен и позитивен мандат од моите сограѓани“, рече Карни при најавувањето на изборите.

Карни, поранешен гувернер на централните банки на Канада и Англија и без претходно политичко искуство, ја освои лидерската позиција во Либералната партија пред две недели, убедувајќи ги членовите дека тој е најдобриот човек да му се спротивстави на Трамп.

Карни на оваа позиција го замени Трудо, кој беше премиер на Канада девет години.

Анкетите покажуваат дека либералите, кои се на власт од 2015 година и кои значително беа зад опозициските конзервативци на почетокот на оваа година, сега се малку пред своите ривали.

„Способноста на конзервативците да ги напаѓаат либералите сега е значително ослабена затоа што луѓето се фокусирани на сегашноста и блиската иднина, наместо на она што се случуваше во последните десет години“, рече Дарел Брикер, извршен директор на Ипсос за односи со јавноста.

Според онлајн анкетата на Ангус Рид на 4.009 луѓе, либералите во моментов имаат 42 отсто од јавната поддршка, додека конзервативците имаат 37 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ