Канадскиот министер за финансии и меѓувладини работи Доминик Леблан објави дека од утре во 12:01 по локално време (17:01 по средноевропско) Канада ќе воведе реципрочна царина на дополнителни 29,8 милијарди канадски долари увоз од Соединетите Американски Држави.
Леблан изјави дека влкадата презема чекори за да го ублажи влијанието на контрамерките на канадските работници и компании.
„Разбираме дека ова се неизвесни времиња со предизвици“, кажа Леблан, додавајќи дека се воведени мерки за поддршка на погодените, вклучувајќи наоѓање нови пазари за производите и обезбедување на финансирање.
„Ќе ја искористиме секоја алатка која ни е на располагање за да ги заштитиме канадските работни места и компаниите и да им пружиме поддршка на работниците во овие времиња на предизвици“, порача тој.
Леблан потоа наведе дека новата листа американски производи на кои ќе се применуваат царините вклучува спортска опрема, компјутери и производи од леено железо,
Додаде дека Канада би можела да воведе дополнителни царини ако САД одлучат да ги прошират сопствените мерки на производи кои содржат челик и алуминиум.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа се откажа од најавеното дуплирање на царините на 50 отсто за канадските алуминиум и челик откако канадската покраина Онтарио ја суспендираше одлуката за давачки на електричната енергија за САД.
Канада е најголемиот странски добавувач на челик и алуминиум за Соединетите Американски Држави.