сабота, 27 јули 2024

Канабисот наскоро ќе биде легален во Германија

Поседувањето канабис и негово одгледување во домашни услови во Германија од 1 април ќе биде декриминализирано откако тој закон ја помина и последната пречка во Бундесратот, законодавниот дом кој се состои од претставници на сите 16 германски сојузни покраини.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Возрасните, постарите од 18 години ќе можат да поседуваат 25 грама канабис и да одгледуваат до три билки во домашни услови. Од 1 јули, некомерцијални „канабис клубови“ ќе можат да снабдуваат до 500 члена со најмногу 50 грама по член на месечно ниво.

„Борбата се исплатеше“, порача на мрежата Икс министерот за здравство Карл Лаутербах. „Ве молам овој избор да го користите одговорно. Се надеваме дека ова е почетокот на крајот на црниот пазар“.

Покраинските власти по донесувањето на законот стравуваат дека судовите ќе бидат пренатрупани бидејќи поради одредбата за амнестија, содржана во законот, десетици илјади стари случаи поврзани со канабис мора да бидат повторно разгледани во краток временски рок.

Покрај тоа, пренесува Политико, многумина го критикуваат законот поради тоа што сметаат дека дозволеното количество канабис е преголемо и поради недоволно забранети зони во близина на училиштата и градинките.

Лаутербах најави неколку измени на законот пред 1 јули. Канабис клубовите сега ќе бидат прегледувани „редовно“ наместо „годишно“ за да се олабави притисокот врз државните власти. Превенцијата на зависноста ќе биде засилена.

Иако тоа не било доволно целосно да се задоволат многуте покраини, тоа не ги спречи членовите на Будесратот да го усвојат законот.

Законот за декриминализација е познат како „прв столб“ во планот од два дела со цел легализација на канабисот во земјата. „Вториот столб“ се очекува по законот за декриминализација, и предвидува формирање општински петгодишни пилот проекти за продажба на канабис во лиценцирани продавници со контрола на државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ