сабота, 27 јули 2024

Камерон: Русија сака да го дестабилизира Балканот преку своите сојузници, вклучувајќи ја Србија

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека треба да се искаже незадоволство од однесувањето на владата на Србија по септемвриските настани во Бањска, кога беше убиен косовски полицаец.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Камерон во извештај пред Одборот за надворешни работи на британскиот парламент кажа и дека владата на Велика Британија е загрижена поради начинот на кој се спроведени изборите во Србија.

Тој додаде дека ја повикува Србија да ги истражи тврдењата за нерегуларности на изборите и да ги спроведе препораките на ОБСЕ и другите.

Камерон кажа дека поради „нападот во Бањска“, кој се случи на 24 септември, на 4 јануари престојувал во Приштина за одблиску да ја процени ситуацијата.

„Треба да ја покажеме нашата сè поголема фрустрација од однесувањето на владата на Србија. Нормално, не се предомисливме да ѝ дадеме на Србија шанса за евроатлантски интеграции. Но мислам дека постои фрустрација од таквото однесување и тоа треба да биде јасно. Дали Европската Унија и САД ја делат оваа фрустрација, не знам, мора да ги прашате нив. Но, од разговорите кои ги водев, почувствував дека дошло до фрустрација бидејќи Бањска беше момент на голема опасност“, кажа Камерон.

На пратеничкото прашање зошто британската влада не објавила оценка на случувањата во Бањска, Камерон кажа дека владата во Лондон многу јасно знае што се случило на 24 септември на северот на Косово, и додаде дека, ако косовската полиција не успеела да ја сопре групата вооружени локални Срби, можело да дојде до низа други напади на полициски станици и до можна блокада на патиштата.

„Свесен сум колку тоа било опасно, затоа тоа беше една од причините зошто отидов на Косово“, кажа Камерон за посетата на Приштина пред неколку дена.

Камерон кажа дека е време да се промени односот на Западот кон Косово и Западен Балкан, тврдејќи дека Русија има цел да го дестабилизира овој регион.

„Мислам дека односот на Западот кон Косово и Западен Балкан е создаден пред Русија да ја нападне Украина. сега мораме многу да размислуваме што се сменило, бидејќи Русија сака повеќе да направи за дестабилизација на Западен Балкан, да направи повеќе преку своите сојузници, вклучувајќи ја Србија, за овие држави, вклучувајќи и земји како Молдавија, да ги направи помалку безбедни. Затоа мораме да работиме на наоѓање начин да се бориме против тоа. Мислам дека нашата политика е тврда и реална“, кажа Камерон.

Косовскиот премиер Аљбин Курти кажа претходно дека Русија има цел да разгори „криза во дворот на Европската Унија“ за, според него, да го одвлече вниманието на НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ