среда, 8 јануари 2025

Камбовски: Судиите што работат спротивно на законите нема да поминат без одговорност

Институција Судски совет ќе се води со интегритет, непристрасност и со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во државата. Советот е куќа на судиите и за судиите, порача новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски. На денешната седница на советот за него гласаа сите 13 членови на кои имаат право на глас. На седницата не беа присутни претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда, Игор Филков кои немаат право на глас во советот.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Денеска избраниот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски изрази уверување дека за секој судија којшто не работи според законите, нема да има место во судскиот систем, доека сите други судии коишто работат чесно ќе имаат максималната поддршка од советот, вратите ќе им бидат отворени, телефонските линии 24 часа отворени и ќе можат да се обратат за заштита од „било каков притисок, било какво влијание“.

„Покрај тоа што ја контролираме нивната работа, ние ги охрабруваме да работат согласно законите, согласно Уставот и сите тие судии коишто постапуваат на овој начин ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка да се охрабрат и да постапуваат и де не потпаѓаат на никакви влијанија. Оние другите судии коишто не постапуваат на овој начин исто така ги уверувам дека нема тоа да помине без никаква одговорност“, изјави Камбовски.

Во однос на најавите за разрешување на членовите на Судскиот совет избрани во Собранието, Камбовски рече дека во принцип советот не сака да коментира изјави на поединечни политичари, меѓутоа „длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец, како законодавец ќе го почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив“.

Прашан дали ќе има одговорност за судијата Енвер Беџети, кој се најде на црната листа на САД, Камбовски повторно изрази уверување дека „секој судија којшто не работи според законите, туку според некои негови лични интереси или потпаднал под влијание, дека местото нема да му биде повеќе во судскиот систем.

„Крајно време е да ставиме крај бидејќи во Македонија има 400 судии и крајно време е тие што се 15, 20 да ги тргнеме од нашите редови, не кажувам конкретно за судијата Беџети бидејќи постапка треба да има“, изјави Камбовски, посочувајќи дека постапките се тајни и не може да споделува детали во смисла дали има постапка или нема постапка.

Во однос на тоа дали ќе иницира средба со премиерот Христијан Мицкоски, како неговата претходничка Весна Дамева, Камбовски, рече дека „апсолутно треба да имаме соработка, и со извршната и со законодавната власт“.

„Ние сме дел од системот на владеење во оваа држава, на трите власти. Ние мора помеѓу нас и да се помагаме и да се контролираме. Таа е и смислата, и затоа е направен Уставот на тој начин. Тоа во светот функционира. Кај нас некако тешко се воспоставуваат тие спреги на проверка и баланс меѓу трите власти, меѓутоа се надеваме дека ќе успееме да постигнеме повисок стандард на постапување и на соработка“, изјави Камбовски.

Според Камбовски, соработаката не треба да се сфаќа како мешање на извршната власт во судската или обратно судската во извршната.

Судскиот совет денеска на 510-тата седница со 13 гласа го избра за нов претседател судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелацискиот суд Битола и е член на советот од јуни минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ