четврток, 7 ноември 2024

Камала Харис речиси во солзи го одржа губитничкиот говор: Ова не значи дека нема да победиме (ВИДЕО)

Американската потпретседателка и губитничка на претседателските избори Камала Харис ѝ се обрати на јавноста по уверливиот пораз од Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Обраќањето на Харис почна со скандирање „Камала, Камала“ од побликата.

„Моето срце е полно денес, полно со благодарност, љубов за нашата земја. Исходот не е онаков каков што сакавме, за каков што се боревме, за кој гласавме. Но слушнете ме, светлото секогаш ќе гори, сè додека се бориме“, кажа таа борејќи се со солзите.

Таа им се заблагодари на соработниците, на својот кандидат за потпретседател, волонтерите.

„Многу сум горда на нашата трка и начинот на кој ја водевме“, кажа Харис и додаде дека обединувале луѓе.

Таа кажа дека му честитала на Доналд Трамп и дека му кажала дека ќе му помогне во преносот на власта. „Му кажав дека ќе има мирен пренос на власта. Ние се држиме до принципот на мирен пренос на власта. Тоа ја разликува демократијата од монархијата и тиранијата“, додаде таа.

„Не му должиме лојалност на претседателот или партијата, туку на американскиот устав“, кажа Харис.

„Го признавам поразот, но не се откажувам од борбата која ја водев во кампањата. Борбата за слобода, правда. Тоа е борба од која никогаш нема да се откажам. Никогаш нема да се откажам од тоа Американците да можат да ги остваруваат своите желби, од Америка во која жените имаат избор, во која училиштата и улиците се штитат од оружено насилство“, кажа Харис.

„Млади луѓе, ве молам, знајте дека сè ќе биде во ред. Некогаш борбата трае подолго. Тоа не значи дека нема да победиме. Важното е никогаш да не се откажете, никогаш да не престанете да се обидувате да го направите светот подобро место“, кажа таа.

Претходно денес Харис му се јавила на Трамп за да го признае поразот и му ја честитала победата на претседателските избори.

Штабот на Трамп соопшти дека тој и Харис во телефонски разговор се сложиле околу важноста за обединување на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ