среда, 23 октомври 2024

Камала Харис и официјално кандидат на демократите за претседателка на САД на изборите во ноември

Потпретседателката на САД Камала Харис синоќа и официјално стана претседателски кандидат на Демократската партија, како резултат на онлајн гласањето на Демократскиот национален комитет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа е првата Афроамериканка и јужноазиска Американка која станала кандидат на водечка американска партија за кампањата за Белата куќа, пренесува АП.

Нејзината номинација за претседателски кандидат уследи по лошиот настап на американскиот претседател Џозеф Бајден на дебатата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во јуни. Тој настап ја разниша довербата на неговите поддржувачи во неговите можности за реизбор за втор мандат и поттикна внатрепартиско несогласување околу тоа дали тој треба да остане во трката.

Кога Бајден објави дека се повлекува од претседателската трка, Харис и нејзиниот тим почнаа да работат за да ја добијат поддршката од партиските делегати, неопходна за номинација на онлајн партиското гласање.

Нејзиниот тим во петокот објави дека Камала Харис обезбедила поддршка од доволно делегати за да биде демократски претседателски кандидат.

Нејзината номинација стана официјална во понеделникот вечерта, кога заврши петдневното онлајн гласање на делегатите на Демократската национална конвенција. Партијата синоќа пред полноќ соопшти дека за Харис гласале 99 отсто од делегатите.

Демократите ќе го официјализираат тоа гласање пред официјалното соопштение на партиската конвенција подоцна овој месец во Чикаго.

Се очекува Харис денеска да го објави својот кандидат за потпретседател, со што ќе стави крај на двонеделните интензивни шпекулации за тоа кој ќе биде, јавува Би-би-си.

Таа разговараше со неколку водечки кандидати за тоа место во Вашингтон во текот на викендот.

Кандидатот што ќе го избере ќе ѝ се придружи на петдневна турнеја низ американските градови, од кои ќе ги има седум, во сојузните држави кои можат да одлучат кој ќе биде претседател.

Во најновата анкета на Си-би-ес, американскиот партнер на Би-би-си, Харис и Трамп се во тесна трка на национално ниво, при што Харис има еден процентен поен предност во однос на својот републикански ривал.

Според анкетата објавена во неделата, Трамп и Харис се изедначени во колебливите држави, кои се клучни за победа на изборите, а во кои Трамп имаше предност од пет процентни поени пред Бајден, пишува Би-би-си.

Анкетата на АП и Центарот за истражување на јавни прашања НОРК, спроведена по повлекувањето на Бајден, покажа дека 46 отсто од Американците имаат позитивен став кон Харис, но речиси истиот процент имаат негативен став кон неа.

Но, има повеќе демократи кои велат дека се задоволни од нејзината кандидатура во споредба со Бајден. Тие сметаат дека Камала Харис ѝ дава енергија на партијата, која долго време беше помирена со фактот дека нејзин кандидат ќе биде 81-годишниот Бајден против поранешниот претседател Доналд Трамп, републиканец што тие го гледаат како егзистенцијална закана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ