Тој вели дека сè што е предвидено со овие измени е погрешно, почнувајќи од тоа што МНР и безбедносните служби ќе имаат одлучувачка моќ, бидејќи се предлага да се надлежни органи кои ќе доставуваат предлози за воведување на рестриктивни мерки.
„Овие правни акти од странска држава прво директно никаде не се применуваат во трета држава, се мисли на црните листи, тие во суштина се една политичка одлука и тешко би можело каква било црна листа од една држава да има директни последици во друга, па макар и да се признае. Обврската за обвинителството да мора да поведе постапка е исто така спротивно на Уставот и Законот за кривична постапка. ЈО треба да поведе постапка, да, но тогаш кога има докази“, вели Калајџиев.
Тој оценува дека измените на овој закон имаат политичка цел, по бројните забелешки од јавноста дека домашните органи не преземаат ништо за лицата кои САД ги стави на нивната „црна листа“.
„Многу е јасно, политички гледано е собирање на некои поени. Демек еве сега ние сме сериозни, на сите овие критики ќе одговориме со некоја мерка која ќе биде оригинална и ќе даде резултати, ама на погрешна патека е. Би било фино кога би нашле некое решение, меѓутоа ова сигурно не е такво решение“, вели Калајџиев.